Монти пајтон и мицковистичкото дпмне

од Nikola Popovski

Иако делувањето на мицковистичкото дпмне алијас ВМРО-ДПМНЕ во последните шест години може да се спореди во историска смисла единствено со годините на ванчомихајловизмот во контекст на нанесување на директна штета на македонските животни национални и државни интереси (впрочем, не случајно го прогласија истиот за дел од нивниот континуитет), сепак, барем во една работа мора да им се признае соособноста – во засмејувањето на нормалниот народ, луѓето што се ослободени од партискиот не-ум. Како иронија на нивната шестгодишна судбина, некаков баланс во значење на издржување на нивното појавување во јавниот дискурс кај народот се постигнува токму со нивното неверојатно смешно делување и партиско говорење; напати се чини дека ниту светски најпознатите хумористични серии од типот на монти пајтон или бени хил не им се ниту до колена. Најновата нивна шега е, замислете, некаква агитпроповска акција на ликовите оттаму наречена „заедно со народот“(!). Не, не е шега, тие навистина така ја нарекле – „заедно со народот“, а всушност шега е, голема. Здружението кое веќе долги шест години политички и морално делува против народот, нашите најдлабоки национални потреби и интереси, ќе оделе и одат „од врата до врата“ кај народот, токму кај оние кои ги предадоа во последните шест години. Ги предаде најсветите парадигми на ВМРО, директно и индиректно учествуваше во најуништувачките процеси кон битието на македонскиот народ, ги блокираа дури и економските процеси за доброто на народот (на пример, субвенциите од државата за обичниот народ) итн., со исклучива цел да предизвикаат незадоволство од власта за потоа тие да дојдат на власт. Не постои ништо позитивно и добро за народот од нивното делување – освен засмејувањето на народот во агоничните, тешки времиња, истовремено додека се друго им беше побитно отколку – народот. И замислете, после се, тие ќе биле заедно со народот, во обид повторно политички да го прелажат и дојдат на власт. Не, доцна е, предоцна е за тие ликови таму да бидат со народот. Мојата прва реакција на овој слоган беше – затворајте врата, мицињата доаѓаат!

Од перспектива на историскиот дискурс на ВМРО, на народот, кога објективно ќе се валоризираат и анализираат нивните дејства во овие шест години, нема ниту трошка сомнеж дека беа се друго освен израз на народот, неговите желби и мислења, посакуваната реалност. Дури и тогаш кога за пуста власт лошо глумеа некаков патриотизам, тој набрзо секогаш беше демистифициран и смешно дочекуван кај народот. Бројните калкулативни опортунистички акции брзо беа демаскирани од оние кои им беа поважни, а тоа не беше народот. Да, народот памети, посебно ако се анихилира медиумскиот апсолутизам на нивнииот агитпроп. Да потсетам на најпознатите примери:

Па, зарем народот некогаш ќе ја заборави сликата на нивниот „лидер“ со Јоханес Хан, удобно навален во дебела луксузна фотеља во Брисел, речиси гушнат со него, како му ветил дека нема да го попречува процесот на уставни промени за името, според антологискиот твит на Јоханес?! Па, зарем народот ќе заборави како дента кога во Собранието се менуваше името истиот тој си шеташе по Широк сокак, со се ручеци за неговите другари по битолските ресторани и хотели?!

Или, зарем народот ќе ги заборави славните фотографии како срдечно се гушка со Али Ахмети, проследено со блажени насмевки на Тимчо и Николовски, а денес зборуваат за ДУИ дека се криминалци?!

Или народот ќе заборави дека прво беа против законот за попис и најавија нов закон, најавуваа и повикуваа на бојкот на пописот, почнаа да собираат потписи на пластични штандови на плоштадите ширум Македонија за поништување на пописот и нов закон за попис за на крај по почетокот на пописот да повикаат на попис и со тоа создадоа конфузија кај народот, посебно кај иселениците, по што драстично се намали бројката на попишани Македонци?! Не, народот нема да заборави дека тогаш беа во блиски коалициски односи со Зијадин Села и Биљал Касами, и логична е претпоставката дека можеби и намерно ја направија таа конфузија со цел помалку Македонци, само заради пуста власт врз народот а во личен интерес на некои ликови таму во мицковистичко дпмне.

Меѓутоа, нивната најнова игра која филмски наликува на „танц на злото“ со илјада пати повтореното тврдење дека во овој пратенички состав нема да гласаат за внесување на дел од Бугарскиот народ кој живе во Македонија  (и ништо друго, според официјални изјави на највисоките претставници на СДСМ и ДУИ – само тоа е мандатот на комисијата за уставни измени), веројатно ќе им биде и последна. Овојпат на коцка ставија се и изгледа дека се сериозни во намерата на тој начин – со негласање за уставни измени – да предизвикаат предвремени избори и да победат, и овојпат под гласачки ореол на патриоти. Тоа е нивниот план, очигледно, и е многу прост и провиден но сепак може да биде ефективен, доколку државата и овојпат не собере храброст за дејства во согласност со Уставот и законите. Во тој контекст, позициите се кристално јасно поставени, и онаа на мицковистичко дпмне кои ја видоа последната шанса за спас на нивните партиски и дебело платени (од народниот буџет) партиски фотељи со тоа што нема да гласаат за уставните промени, и позицијата на државата и ЕУ/САД. Кој ќе победи во оваа битка?

Иако првиот одговор што му доаѓа на ум на нормален човек е дека и овојпат мицковистичко дпмне ќе бидат поразени односно дека државата и ЕУ/САД се супериорни во поглед на аргументите (а посебно на оној дека со тоа се создава уставна дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот народ), а и ги знаеме сите бламови на дпмне мицково во минатото – на пример кога правеа протести пред Собрание за Европскиот, Француски предлог качени на дрвена гајба со огнени говори на некои мошне комични ликови, за потоа едно утро волшебно да ги снема  –  утрото откако Урсула Фон дер Лајен го виде нивниот лидер во зградата на ЕУ во Скопје (инаку, врвен монти пајтон и бени хил момент во и онака истото такво шест годишно делување на „комитите и војводите “од дпмне) – овојпат изгледа дека сепак сфатиле колку е сериозно урнат нивниот партиско-гласачки рејтинг кај народот и дека ова им е последната шанса за спас на нивните дебели партиски фотељи. Оттаму, се чини, овојпат вообичаениот, веќе виден метод на етапно рационално убедување на нивното раководство од страна на ЕУ И САД нема да резултира со успех. Тие, мицињата, знаат дека ако и еден нивни пратеник гласа за уставни промени, готово е со нив на следните избори, а некаква валкана игра како со т.н. осуммина за името овојпат нема да им помине бидејќи веќе е видена, а уште помалку ефтините трикови со некои гаранции дека нема да има нови услови од Бугарија, како и други слични детски играчки – ова е јасно и гласно кажано од ЕУ и САД – вака дефинираните уставни измени се последен и непроменлив услов за ЕУ интеграциите и нема и нема да има никаква можност за репреговарање на истите со Бугарија. Да, знаат и децата, некои политичари од Бугарија претеруваат, но најважно е дека работата на историската комисија е издвоена од преговарачкиот процес, а и дека предупредувањата за меѓуетнички, меѓунационални ризични ситуации доколку не се изгласаат уставните измени (всушност измена, само спомнување на дел од Бугарскиот народ кој живее во Македонија, и ништо повеќе) воопшто не се за потценување, иако агитпропот на мицковистичко дпмне ве убедува поинаку.

Во таа смисла, нема да се повтори сценариото а ла Урсула – која го виде лидерот на мицињата и го убеди да ги прекинат протестите на дрвената гајба, кога онака магично, едно убаво сончево утро, се сеќавате, ги снема мицињата од улиците и пред Собрание откако со недели маршираа и вееја знамиња. Се разбира, лично би сакал да го видам пак тој циркус, една нова монти пајтон ем бени хил епизода, меѓутоа, судејќи според се, овојпат се решени да ги издржат рационалните убедувања и аргументи со цел да одглумат патриоти и така да дојдат на власт. Притоа, секако, очекувано од нив, ветуваат по амбасади дека кога тие ќе дојдат на власт ќе го сменат уставот, како што ги кажа Премиерот. Оваа нивна веќе класична игра на лицемерие и лажен патриотизам ја знаат и врапчињата во ташмаруниште па веројатно и повеќето нивни следбеници (на лидершипот на дпмне), таканаречените мициња, но за жал, најпросто кажано, и на нив им е гајле само како да дојдат до фотељи, а не за македонските национални и државни интереси. Таканаречените мициња, знае народот, се лика и прилика на нивниот лидершип, впрочем затоа и си ги чуваат, исти се!

Затоа, се чини дека е губење на време процесот на убедување на мицковистичкото дпмне, и тој процес, колку и да трае, и без оглед кој се важен ЕУ и САД функционер ќе доаѓа да ги убедува, нема да успее, и оттаму набрзо државата мора да креира и реализира план Б. Каков би требало да биде тој план Б? Па, за почеток, можеби како прв стадиум на тоа квинтесенцијално самосвесно државно македонско дејствување да биде конечно после толку време, практично извршување на судската пресуда за конфискација на севкупниот имот на мицковистичко дпмне со се белата палата која некои од народот ја нарекуваат и белата куќа на злото, и второ, именување на нов државен јавен обвинител кој размислува високо рационално и длабоко визионерски фундирано на Устав и закони како господинот со славното ветување дека ако тој (би) бил (специјален) јавен обвинител ќе ги забранел дпмне односно избришал од централен регистар, што веројатно би значело, претпоставувам, додека да се организираат нови избори, и пропорционална распределба на собраниските мандати кај останатите политички партии. За почеток, доволно е!

Проф. д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини