Откако ЕУ не успеа да ги отвори своите врати за земјава претседателот Стево Пендаровски рече дека Македонија би требало да го засили партнерството со САД засновано врз Декларацијата од 2008 година. Дали оваа изјава е „скршнување“ од европскиот пат на земјата, политичките аналитичари и професори во разговoр за „Локално“ велат дека оваа e можна алтернатива која ќе им даде до знаење на Брисел како и на Софија дека грешат во политиката кон земјите oд Западен Балкан.
-Изјавата на Пендаровски за некаква ,,алтернатива,, ја сметам како изјава од револт или една од набрзина дадена изјава својствено на него. Па ние имаме веќе таков договор по Букурешт како утешна награда за ветотот за НАТО. Но, сега веќе сме членка на НАТО. Кај нас не е проблем безбедносниот аспект, туку проблемот е во нас самите, вели политичкиот аналитичар и професор Мерсел Биљали.
Тој смета дека нашата земја сака со импровизирани реформи да ги почне преговорите, иако е свесна дека не ни користат многу, бидејќи ЕУ за најмалку 10 години нема да прима нови членки.
-Ние немаме стратегија како економски да ја развиеме државата, како да воведеме мерит систем, како да профункционира правдата. Гледате дека продолжуваме со аналфабети оти се нечии синови и ќерки. Друго, ние треба силно да фаворизираме регионален слободен пазар или царинска унија и потоа преку Европската економска зона да се приклучиме во пазарот на ЕУ. Ние мора првин да направиме регионален пазар за да имаме инвестиции, развој, смета Биљали.
Според поранешниот дипломат, порфесор Нано Ружин предлогот на шефот на државата е само едно размислување кое има за цел да им се даде на дознание на Софија и Брисел дека грешат во политиката во однос на државите од Западен Балкан.
-Северна Македонија особено е погодена со инертноста на ЕУ, бидејки заедно со Турција најдолго чека пред вратите на ЕУ. Ставот на Пендаровски не е насочено против европските вредности туку едноставно искажување на разочараноста на македонската политичка елита од однесувањето на ЕУ. Тоа не е свртување кон Русија и Кина, туку само факт дека нашата држава може да егзистира и без ЕУ, со оглед на надреализмот на Бугарија, вели Ружин.
Идејата на претседателот, за реактивирање на стратешкиот договор за пријателство со САД од 2008 година според политичкиот аналитичар Тони Науновски е најдобриот и најумен политички акт досега во неговата политичка функција како шеф на државата.
-Тој договор, склучен во времето на Џорџ Буш, претставува голема можност за реафирмација и обнова, или ново големо втемелување на автентичните македонски интереси. Досега никогаш не беше искористен во правец на афирмација на нашите интереси, и во таа смисла тој е посебно сега важен, во време на ирационални уцени на Бугарските власти кон нас, нашата македонска средновековна и нова историја. Голема штета е што ова идеја не беше и порано реализирана, во време на склучувањето на преспанскиот договор, кој сигурно ќе беше подобар за нас доколку врз основа на широките можности од тој документ кој претставува дури и политичко-дипломатска обврска на САД, беа креативно искористени конктретните клаузули во однос на сите поединечени точки од преспанскиот договор. Кончено, добро е за Македонската држава што претседателот Пендаровски, наместо да губи време на средби со небитни и маргинални политички ликови како Мицкоски, се посвети на конкретни проекти за доброто на Македонија, смета аналитичарот.
Бугарија преживува криза на сопствениот идентитет
-Очекувам зголемен притисок и од страна на ЕУ и од страна на САД. Бугарите се однесуваат како типичен балкански самоиритиран субјект, кој не знае што сака. Јасно е дека Бугарија проживува криза на сопствениот идентитет, сметајки дека со силните ревандикации кон Северна Македонија ќе излезе посилна. Но, сите знаат дека овие приказни не поминаа славно на просторот на поранешна Југославија. Се добива чуство дека бугарските генерации кои се напатија за време на Советската доминација и љубоморно ја набљудуваа тогашната Југославија, како да настојуваат да наплатат сега кога се во поповолна позиција во однос на државите од Западен Балкан, смета Ружни.
Според аналитичарот Биљали замјата треба да сме свесни дека не сме центарот на светот, па дека САД жестоко ќе удри по Бугарија, додавајќи дека „и таа држава истo така е стратешки партнер на САД“.
Излез од ќорсокакот според Науновски во врска со ЕУ, е или САД и самата Унија која треба да изврши силен притисок врз бугарските власти, нагласувајќи дека тоа е можно и лесно изводливо.
-За наша среќа, има такви најави од Германската дипломатија, беше споменато како можност, и лично сум убеден дека тоа е најдобро решение за нас, бидејќи тоаш нема да мора да се направи никаков компромис односно отстапки кон налудничавите барања на бугарските власти. Можеби ќе треба време, но тоа е сигурно поиздржливо за нас како народ отколку признанието дека сме народ кој е вештачки креиран во 1945 година, односно сме неосвестени бугари (?!), според смешните тези на некои центри на моќ во Бугарија. Третата можност е колективна катарза на бугарската историска наука и општество во врска со признавањето на македонските вистини, но тоа би бил премногу долг процес. Мислам дека токму овде, конкретно, претседателот Пендаровски може да го употреби стратешкиот договор со САД од 2008 година, односно да направи САД да застанат на наша страна, наспроти апсурдните барања на бугарските власти, вели тој.
Не постои средина во однос на „португалскиот предлог“
-Португалскиот предлог е реален. Не постои средина, туку префрлање на овие прашања во дриги сфери.Имено во овој предлог се констатира дека „билатералните конфликти не се дел од европската приказна, и дека не треба да се врзуваат за евроспките перспективи на државите-аспиранти.Второ, овој документ констатира дека името С.Македонија е исклучиво географско, а не геополитичко име со територијални претензии, и трето, јазикот на С.Македонија е кодификуван во 1945 година што е и разбирливо бидејки СР Македонија настана 1944, вели професорот Ружин.
Биљали верува дека овој предлог е добро исбалансиран за двете страни, додавајќи дека е штета што тој не е јавно објавен.
Во однос на тоа дали Бугарија ќе биде изолирана од страна на другите членки внатре во Унијата поради ветото , поранешниот дипломат смета дека таа е веќе изолирана, а ЕУ поседува и други алатки за да ја убдеи Софија на рзаумност.
Додека пак Биљали вели дека ЕУ не е надржава тука заедница на независни држави кои мнозинството одлуки ги донесуваат по пат на консензус, „што значи дека нивната постапка е легитимна“.
Според двајцата аналитичари иако ветото на Бугарија не е кренато потребно е да се продолжи со преговорите и да се изнајде решение.
-Потребно е постаојано да се преговара и да не се отстапува од тоа и да се продлабочуваат реформите, вели Ружни.
Според професорот Биљали потребно е да се настојува за да се изнајде некакво решение
– Мора да разбереме дека никој во светот нема да искорне коса поради тоа вето. Треба сериозно самите да работиме на тоа, смета тој.
Фронтот со Грција е завршен
Се работи за поинакво толкување на Договорот од Преспа и тука има механизми во самиот договор како се решава. Важно е да не изреагираме како луто феферонче, вели Биљали во однос на реакциите од страна на грчката влада прво со проблемот со ФФМ, па реакцијата на „твитот“ на премиерот Зоран Заев за фудбалската репрезентација, во кој не го искористи уставното име на државата.
Според поранешниот дипломат фронтот со Грција е завршен, а реакциите се од одредени политичари кои можеби сметаат дека Атина можела да добие многу повеќе од она што тоа фигурира во Преспанскиот договор.
-Гледајки каков е односот на Софија кон нашата држава, настојуваат да покажат супериорност пред сопствениот народ во смисла дека најмалку што можат да бараат во овој момент е имплементација на Договорот од Преспа. Всушност слични се и бугарските ревандикации, „имплементација на договорот за добрососоедство“ , но толкувањата на Софија се речиси перверзни, вели Ружин.
За Науновски Преспанскиот договор досега тој во голема мерка не ни бил спроведуван во практика од институциите на системот.
-На пример, во моја близина има електричен трансформатор на кој е нацртано сонцето, знамето од кутлеш/вергина, а според член на преспанкиот договор не е дозволена јавна употреба на истиот симбол, односно треба да се отстрани од јавни места/простори. Одделувањето на македонската државност од историскиот и национален континуитет на развојот на Македонскиот народ, што е најтежок проблем од преспанскиот договор, е причината за реакцијата на грчките власти кон некои понови изјави на Премериот, и, колку и да не ни се допаѓа лично тоа, тие се во право. Односно, јавната употреба на придавката македонски е мошне лимитирана, и таа не може да се однесува на институции во оваа држава, бидејќи тие не се македонски, во национална смисла, туку се северномакедонски, во државна смисла. Веројатно дуи, беса, партијата на Зијадин села и други се мошне задоволни од овој факт од договорот, затоа што се оддели македонското од државното – тие се сега инкомпатибилни, институциите се на државата Северна Македонија, не на Македонскиот народ/нација, објаснува политичкиот аналитичар.
Б.М.
Н.П