Морничава машка група на Интернет, споделуваат слики и адреси на жени и девојки од Балканот

од Stefanija Kuzmanovska
956 прегледи

Непосредно пред Меѓународниот ден на жената, се појави веста дека постои група на апликацијата за допишување  Телеграма која собира 36.000 мажи од Балканот, во која мажите споделуваат експлицитни фотографии, снимки, но и адреси на жени од овие простори. Очигледно е дека се работи за одмаздничка порнографија, пренесе „Нова.рс“.

Групата функционира така што членовите пишуваат од каде се и чекаат некој од другите членови на групата да им испрати слики, контакти, па дури и адреси на девојки од тоа место.

За постоењето на оваа група дознала инстаграм страницата „Критички“, со која контактирала загрижена жена, со сомневање дека во групата се споделувале фотографии и снимки од малолетнички, како и дека многу жени биле загрозени со откривање на нивниот идентитет и места на живеење.

Групата во меѓувреме е избришана.

Во меѓувреме, преписка на мажи од групата се појави и на Твитер.

Корисничката на Твитер кој откри како изгледа групата Телеграм наскоро добила и закани.

А потоа разоткрила уште една група со слична содржина, чија тема се исклучиво девојки од Ниш, а во неа членуваат скоро 25.000 членови.

Да потсетиме, како што пишува феминистичкиот колектив „Женска солидарност“, одмаздничката порнографија е дигитално насилство, алатка која ја користат сторителите за понижување, замолчување и обвинување на жртвата. Сепак, виновникот не е жртвата. Виновник е личноста, обично маж, која објавува слики и снимки испратени во доверба.

Доколку наидете на ваков вид содржина на Телеграм, Инстаграм или која било друга социјална мрежа, важно е да го пријавите преку опциите што се достапни на скоро секоја мрежа, но и во полицијата.

Неодамна и во Македонија беше згасната групата „Јавна соба“ во која беше споделуван сличен материјал.

„Иако првичната група на ‘Јавна соба’ е затворена, во меѓувреме е отворена и нова група ‘Јавна соба 2021’, каде што, повторно, се сторени повеќе кривични дела“, посочија пред неколку дена активистки на „Еквалис“.

Јавното обвинителство денеска информира дека активно постапува за утврдување кривична одговорност во предметите поврзани со групите „Јавна соба“ оформени на социјалната мрежа „Телеграм“.

Истрагата за предметот познат како „Јавна соба 1“ е во тек и е во завршна фаза, додека предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка.

Згрозени од содржината која се ширеше на оваа платформа, но и во знак на поддршка на жртвите чии фотографии се најдоа во „Јавна соба“, беше одржан протест на кој Платформата за родова еднаквост побараа од обвинителството навремено и ефикасно гонење на сите членови во групите кои шират порнографија и експлицитни фотографии од жени и девојчиња. Од Платформата побараа обвинителството и Советот итно да испорачаат конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 Март (денеска).

Денеска  по повод Меѓународниот ден на жената во 15.00 часот ќе започне петтиот Марш за женски права од пред Министерство за внатрешни работи што го организираат платформата за родова сигурност и активистките за женски права. Маршот ќе се одвива под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува”.

„Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба” и сите жртви на родово засновано насилство. Маршираме за да ги потсетиме институциите, МВР и Јавното обвинителство, дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања“, велат организаторките на маршот.

Според нив случајот „Јавна соба“ е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно.

Слични содржини