Шефицата за надворешна политика на Европската унија, Каја Калас, изјави дека средствата на Руската централна банка, замрзнати во рамките на Европската унија, не можат да бидат вратени во Русија сè додека на Украина не ѝ бидат платени воени репарации.
„Гледаме дека Русија не сака мир, иако се вложуваат многу дипломатски напори Зеленски и Русија да седнат на преговарачка маса. Ќе се справиме со прашањето за замрзнатите средства детално“, рече Калас.
Таа коментираше на темата пред неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ што ќе се одржи денес во Копенхаген.
„Не можеме ни да замислиме дека овие средства ќе бидат вратени во Русија ако таа не ја надомести штетата што ѝ ја нанесе на Украина“, додаде Калас.
Нагласи дека ова прашање е особено чувствително, но дека е потребно ЕУ да развие јасна стратегија.
Според податоците на ЕУ, околу 210 милијарди евра руски средства се замрзнати во ЕУ како дел од санкциите наметнати врз Москва за нејзината инвазија на Украина.
„Правда“ објави дека ЕУ разгледува создавање на посебен фонд што би овозможил користење на замрзнатите руски средства за обнова на Украина.