Ширум светот, „Ковид-19“ ни приредува мрачни сцени на мртви пациенти без саканите во близина кои би ги оплакувале.
И тие слики не само што предизвикуваат страв од смрт, туку и од самите мртви. Страв од болеста што се шири по смртта и можност за добивање на вирусот од заразени трупови.
Дали мртвите тела на заразените можат да пренесат Ковид-19? Дали е безбедно да се одржи погреб? И дали жртвите треба да бидат погребани или кремирани?
Еве што знаеме, пишува Би-Би-Си.
Дали мртвите тела можат да пренесат „Ковид-19“?
Според Светската здравствена организација (СЗО), сè додека се преземат сите неопходни мерки на претпазливост, нема причина да се плашиме дека „Ковид-19“ ќе се рашири преку мртвите тела.
Вирусот Sars-CoV-2, кој е одговорен за оваа болест, се пренесува главно преку капки што ги пуштаат луѓето, на пример, кога зборуваат, киваат или кашлаат.
Сепак, може да преживее и до неколку дена на одредени тврди површини.
„До денес, нема докази дека мртвите тела ја пренеле оваа состојба на живи“, вели Вилијам Аду-Кроу, портпарол на Пан-американската здравствена организација (ПАЗО / СЗО), на прес-конференција на почетокот од овој месец.
Може ли вирусот да преживее во мртви тела?
„Сега, и покрај тоа, ова не значи дека кога ќе кажеме дека тие не се заразни, треба да ги сакате мртвите толку многу, што ќе сакате да ги бакнете или нешто слично“, додаде овој експерт.
„Ние сè уште мора да се придржуваме кон превенција и контрола“.
Во препораките на Светската здравствена организација објавени во март се вели дека „освен во случај на хеморагична треска (како ебола и марбург) и колера, мртвите тела генерално не пренесуваат зараза.
„Само белите дробови на пациентите со пандемски грип, доколку не се постапува правилно за време на обдукцијата, можат да бидат заразни. Инаку, труповите не пренесуваат болести “.
Но, труповите на луѓето кои умираат од акутен респираторен синдром, сепак можат да содржат живи вируси во белите дробови и другите органи.
Тие можат да бидат ослободени за време на обдукција, која користи медицински алатки, или за време на внатрешното миење.
Роднините или пријателите на жртвата од „Ковид-19“ мора да бидат сигурни дека телото е подготвено за погреб или кремирање од соодветно обучени и заштитени професионалци, како што се работници во погребно претпријатие.
Може ли да се одржи погреб?
На некои места, бројот на смртни случаи предизвикани од „Ковид-19“ доведе до криза во погребната професија.
Како дел од упатствата за социјално растојание, погребите се забранети во неколку земји. Други сепак им дозволуваат, но со строго ограничено присуство на луѓе.
СЗО вели дека семејството и пријателите на починатиот можат да го видат телото за време на погребот, сè додека се придржуваат кон одредени ограничувања.
„Тие не смеат да го допираат или бакнуваат телото и мора да ги мијат рацете со сапун и вода откако ќе го погледнат телото; мерките за физичко растојание мора строго да се применуваат (барем еден метар меѓу луѓето)“, се вели во упатството.
Луѓето со респираторни симптоми не треба да одат на погреб или барем треба да носат маска на лицето за да спречат ширење на инфекцијата, се додава.
Додека децата, луѓето постари од 60 години и луѓето со имуносупресиви не смеат да имаат директен контакт со мртвото тело.
Дали можат телата да бидат погребани или мора да бидат кремирани?
СЗО исто така вели дека погребите и кремирањата се подеднакво прифатливи.
„Постои раширен мит дека луѓето кои починале од заразни болести мора да бидат кремирани, но тоа не е точно. Кремирањето е прашање на културен избор и расположливи ресурси“, додава таа.
Оние чија задача е да се справат со телата – на пример, да ги положат во гроб – мораат да носат ракавици и темелно да ги мијат рацете пред и по таа акција, фрлајќи ги ракавиците што ги користеле.
Нема потреба од забрзано отстранување на телата на жртвите од „Ковид-19“, додава СЗО.
Исто така, не е неопходно да се изгорат предметите на починатиот, но тие мора да бидат ракувани со ракавици и темелно да се дезинфицираат со детергент, 70% раствор на етанол или варикина.
Облеката може да се измие или во машина со детергент за перење на високи температури (60−90 ° C) или да се потопи во топла вода и сапун, мешајќи ги со стап и да се избегне прскање.
Зачувување на достоинството
СЗО вели дека „достоинството на починатите, нивните културни и религиозни традиции и нивните семејства, мора да се почитуваат и заштитат во текот на целиот процес“.
Но, како што се шири паника, тоа се покажа како екстремно тешко во некои делови на светот.
Мервин Теран, шеф на еквадорското здружение на погребални компании, за Би-Би-Си изјави дека ситуацијата „целосно излегла од контрола“ во провинцијата Гајас, каде за само неколку недели смртните случаи од „Ковид-19“ го надминале бројот на 10.000.
Еквадор е втората најпогодена земја во Латинска Америка, веднаш по Бразил. Здравствениот систем не успеа да го издржи притисокот; ковчезите и телата остануваа на улиците со денови кога се полни мртовечницата.
Болниците испратија тела во магацини без климатизација или соодветна инфраструктура за складирање труп.
„Дури и за нас, кои се навикнавме цело време да ја гледаме реалноста на смртта, беше многу тешко да се влезе во магацините со цел да се идентификуваат телата. Труповите се дуваа и пукаа од течност после само 24 часа“, вели Теран.
На друго место, сликите на масовните гробници во Њујорк, бразилскиот град Манаус или Истанбул би завршиле во светските вести.
Но, суровата реалност на смртта во моментот на коронавирусот не треба да спречи на мртвите да им се даде достоинствена прошка, вели СЗО – и на своите најблиски им остави простор за жалост.
„Властите треба да се справат со секоја ситуација од случај до случај, балансирајќи ги правата на семејството, потребата да се испита причината за смртта и ризикот од изложеност на инфекција“, велат од организацијата.