Може ли државата да го тргне Мерко од функцијата „градски татко“? „Градоначалникот може да поднесе оставка од морални причини и да се распишат нови избори“

од Nikola Popovski
1,K прегледи

Веста кон крајот на минатата година за присуство на американско тим за санкции во Скопје, наиде на голема поддршка кај нашата јавност. Поради тоа, вчера поголем дел од јавноста ја поздрави одлуката на Стејт департментот за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, што речиси сигурно се должи на доаѓањето на тимот од Вашингтон. Како резултат на мерката, сите имоти и интереси во сопственост на санкционираните, кои се во или влегуваат во САД, се во сопственост или контрола на лица од САД, мора да бидат блокирани. Целта на санкциите е да ја потврдат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции.

Сепак ваквата вест остава и непознаници во однос на тоа дали на градоначалникот можат да му бидат одземени ингеренциите и дали ќе остане на функцијата „градски татко на Струга“. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во разговор за „Локално“ вели дека законски тоа не може да му се случи и тој останува на чело на општината до крајот на мандатот.

Петар Арсовски

 

-Мерко може во оваа фаза да поднесе оставка од морални причини и да се распишат нови избори, но државата не може целосно да му ги одземе ингеренциите. Може делумно да ги одземе ингеренциите на локалната самоуправа во во областите образование и здравство, но не може целосно, бидејќи градоначалникот се бира преку директни локални избори, информира Арсовски.

Порачува дека вчерашната одлука е по постапка по извршената наредба што американскиот претседател Џо Бајден штотуку ја продолжи за Западен Балкан, во која Стејт депарментот не мора да ги објаснува своите одлуки.

-Се работи за некои индиции од нивни информации. Прашањето е зошто нашите судски органи не ги имале истите и зошто не постапувале е тие. Одлуката на САД е е јасна – му забрануваат влез и го прогласуваат за непободен поради оправдани сомневања дека бил вклучен во незаконски активности, наведува аналичарот.

Арсовски порачува дека кај албанските гласачи многу е важно поведението и мислењето на САД и ова секако ќе биде сериозен притисок кон Мерко и ДУИ, кој ќе го наруши неговиот имиџ. Сепак, вели тој, прашање е колку ДУИ и струшкиот градоначалник ќе покажат дека се загрижени во оваа фаза, односно дека можат да покажат и дека не се загрижени многу.

-Ставањето на црна листа на САД нема автоматски правен ефект и правно дејство во Македонија. Тоа е прашање за нашите органи. Гледаме дека имало случаи кога се поклопувале како на пример за Груевски и Мијалков, имало локални процеси, но и ставање на црна листа. Секако треба да биде сериозна индиција за домашните органи на прогонот за да проверат, посочува Арсовски и додава:

-Ако се следи најавата на американската амбасадорка и Стејт департментот, листата ќе се зголеми, но не знаеме во која динамика, бидејќи тој партнер во Владата на САД не е директно поврзан со министерството за надворешни работи и Амбасадата.

САД е земја во која со внимание го следат развојот на земји од нивни интерес и секако Македонија како земја со која има стратегиско партнерство, вели за „Локално“ поранешниот македонски амбасадор и дипломат, Љупчо Арсовски.

Љупчо Арсовски

Љупчо Арсовски

Според него, следењето опфаќа секако повеќе области на општеството во тој контекст и сферата на безбедноста, правосудството, медиумите, човековите права итн.

-Посебен интерес имаат при следење на вмешаност на личности од јавниот и живот  и оние личности кои  се вмешани во коруптивни скандали, криминал и слично. Да се стави личност како градоначалник е мошне важно. Тие му стават на знаење на лидерот на партијата на која ѝ припаѓа градоначалникот, потоа му даваат насока на населението кое на локални избори гласа за да им биде појасно дека една таква одлука влијае и врз можните активности кои ги има нивната амбасада и други организации и владини агенции кои соработуваат со државните и други институции за развој, помош, и сл,. со дотичниот град. Ова е порака и за Владата и премиерот доколку на такви личности им се даваат и одредени функции (што кај нас за жал се среќава) и се занемарува загриженоста на земјата која е наш стратегиски партнер, појаснува Арсовски.

Секако, тврди поранешниот амбасадор, листата не е завршена и на неа внимателно и темелно се работи континуирано и се оформува предмет со факти, сознанија кои ги собира дипломатската мисија што е во рамките и на Виенската конвенција за дипломатски односи бидејќи се потпира на јавно изнесени информации низ медиумите.

-Имајќи ја предвид изјавата на првиот човек на американската амбасада во Македонија дека особено ги следат состојбите во правосудната сфера, обвинителноството , судскиот апарат и сл, а се врзано со корупцијата, мито, криминал при што се оддолжуваат предмети за да застарат пред се листата секако нема да заврши само со една личност, оценува Арсовски во разговорот.

Н.П.

Слични содржини