Можно е воведување блокови за плаќање на струја и кај малите потрошувачи

од Nikola Popovski

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски вечерва појасни дека засега е многу рано да се зборува за нова цена на струјата после Нова година.

-Регулаторната комисија за енергетика од 2019 година не ја определува цената на ЕСМ, туку ЕСМ сам, со одлука на Влада утврдува цена со којашто се јавува на тендерот на ЕВН Хоум. Мислам дека сега е прерано да зборуваме за какви било промени на цената на електричната енергија на регулираниот пазар, рече Бислимовски.

Според него, за да нема зголемување на електричната енергија е потребно да немаме потреба од увоз на струја.

-Не би зборувал сега за поскапување на електричната енергија. Да видиме сега до кај сме, што сме. Тоа што е битно е дека заедно со Електротехничкиот факултет, како што работевме на блокови за домаќинствата, почнавме првични анализи за можност за воведување на блокови и кај малите потрошувачи, со цел и кај нив го ублажиме ударот од високите цени. Ова ќе се анализира и понатаму и за сите резултати од овие анализи, ќе ја известуваме јавноста, кажа првиот регулатор во емисијата „Економски магазин“.

Слични содржини