Се очекува во периодот што следи Комисијата за заразни болести да одлучува по предлогот на Министерството за здравство за носење маски во затворени простории при подолг престој, како и редовно проветрување на просториите. Ваквиот предлог на Министерството следува по забележаното зголемување на трансмисија на коронавирусот.
– При престојување во затворена просторија подолго време да се носат маски, а лицата од ризичните категории маска минимум ФПП2 или Н95 или ФФП3. Просториите во кои се престојува подолго (канцеларии, занимални во градинки, сали за состаноци и слично), како и спортски објекти, редовно да се проветруваат и да се дезинфицираат. Да се избегнува непотребно собирање во големи групи и секогаш кога може да се одржува растојание од два метра, се препораките од Министерството за здравство кои вчера ги упатија до Комисијата.
Министерството и Комисијата активно ја следат состојбата со Ковид-19 во земјата, но и состојбите и на европско и на светско ниво. Па затоа, како што посочува Министерството, иако во моментот состојбата е релативно мирна, со цел да остане таква се препорачува внимание и преземање мерки за лична заштита. Ова особено се однесува на постарите лица, лицата кои имаат една или повеќе хронични болести и сите кои имаат намален имунитет поради која било причина.