Модернизација на истекот на реката Црн Дрим од Охридското Езеро, односно замена на талпите со кои се регулира нивото на водата во езерото со софистицирано електронско поместување на препреките, без негативно влијание врз животната
средина и нарушување на автентичноста на дрвениот мост, се дел од предлозите што треба да бидат опфатени во физибилити студијата што ќе ја изработува конзорциум од холандски компании.

Претставници на компаниите неодамна беа во Струга каде, заедно со експерти од Општината, ЕЛЕМ, Хидробиолошкиот завод од Охрид, невладиниот сектор и останати засегнати чинители, ја разгледуваа можноста за рехабилитација и надградба на браната со автоматска регулација, со што ќе се зголеми безбедноста на минувачите и капачите, а ќе се овозможи и поефикасен менаџмент со протокот на вода за производство на електрична енергија.
Студијата ќе биде финансирана од холандската Влада. Иницијативата произлегла од холандскиот конзорциум, што дошол во Општина Струга и пројавил интерес за модернизирање технички објекти за управување со водите.