МП: Се интензивираат активностите за реформи во изборното законодавство

На втората седница на Работната група за реформи во изборното законодавство беа усвоени записникот од конститутивната седница и Деловникот за работа, со што се постави основата за понатамошната работа

од Vladimir Zorba
9 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Сител

На втората седница на Работната група за реформи во изборното законодавство беа усвоени записникот од конститутивната седница и Деловникот за работа, со што се постави основата за понатамошната работа. Воедно, започна детална анализа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои ќе претставуваат клучен темел за идните измени на Изборниот законик, соопштија од Министерство за правда.

Во текот на 2025 година, Министерството за правда подготви работна верзија на Изборниот законик, која ја ставив на располагање на сите членови на работната група.

Очекуваме во наредните две недели членовите да ги разгледаат препораките во соработка со политичките партии, по што ќе продолжиме со усогласување на ставовите, велат оттаму.

Паралелно, Министерството за правда  продолжува со интензивни консултации со релевантните институции. Веќе е остварена средба со Државната изборна комисија, каде се разговараше за унапредување на законската рамка, како и за зајакнување на транспарентноста и ефикасноста на изборниот процес. Се очекуваат и нивни конкретни предлози.

Во наредниот период ќе следуваат состаноци и со Државната комисија за спречување на корупцијата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државниот завод за ревизија, како и со претставници на граѓанскиот сектор.

„Реформите во изборното законодавство бараат политички дијалог и широк консензус. Само преку заеднички пристап можеме да изградиме стабилен, кредибилен и фер изборен систем. Нашата цел е современо законодавство усогласено со меѓународните стандарди и поголема доверба на граѓаните во изборниот процес“, според Министерството за правда.

Следната седница на работната група за реформи во изборното законодавство ќе се одржи на 8 април.