Мрежата за заштита од дискриминација соопшти дека во деновите кога полека стивнува вревата околу последниот избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, го потсетува Собранието дека со откажувањето на една предлог-кандидатка и избор на двајца, неопходно е објавување нов оглас за избор на член на Комисијата.
Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, доколку Собранието не избере членови на Комисијата, постапката за избор се повторува во целост со објавување јавен оглас веднаш, а не подоцна од рок од десет дена.
-Имајќи предвид дека Собранието избра два члена на 29.01.2026 година, рокот за распишување на нов оглас истече на 08.02.2026 година. До денес, таков оглас не е објавен.
Сметаме дека е крајно време Собранието сериозно да го сфати значењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како чувар на достоинството на граѓаните, што пак претставува основа за креирање на здраво демократско општество.
Во оваа насока, би сакале да ги потсетиме пратениците дека имаат одговорност пред сè да постапуваат согласно законот и нивните овластувања, што вклучува:
-
Утврдување на листа на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите утврдени со Законот за спречување и заштита од дискриминација;
-
Присуство и активно учество за време на седницата за претставување на кандидатите кои ги исполниле условите;
-
Навремено известување на граѓанските организации кои се бават со оваа тематика за датумот и часот на оваа седница, како и навремено доставување на документите за кандидатите;
-
Овозможување на транспарентен процес за следење на седницата на Комисијата за избори и именувања на која ќе се одлучува за предлог – член на Комисијата., велат од Мрежата за заштита.
Оттаму потсетуваат дека Законот за спречување и заштита од дискриминација предвидува навистина широки услови кои треба да ги исполнуваат кандидатите, поради што очекуваме дека нема да биде голем проблем да се издвојат оние кои ги исполнуват сите услови:
1) да е државјанин на Република Северна Македонија;
2) да има стекнато 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование и има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација;
3) во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење на професија, дејност или должност и
4) да не е носител на функција во политичка партија.
Се нагласува дека Мрежата за заштита од дискриминација останува да го следи процесот на избор и се надева на објективен избор на лице кое ги исполнува условите за стручност и неповрзаност со политичка партија.