МРТ ги отфрла нападите за лажни анкети, ќе реагираат до странските амбасади и ОБСЕ

од Nikola Popovski
195 прегледи

Јавниот сервис, своите обврски кон тие за кои и постои – граѓаните, ги реализира согласно сите законски регулативи и етички норми. Македонската телевизија, програмската содржина ја конципира според правилата кои претставуваат операционализација на обврските што ги има согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за медиуми и согласно Етичкиот кодекс, велат од уредувачкиот колегиум на МРТ во однос на анкетите за рејтингот на партиите и политичарите и партиските обвинувања.

Според МРТ, секое намерно и неосновано поткопување на довербата на граѓаните во јавните институции по дефиниција е штетен наратив.

-Во рамки на емисијата Објектив, се презентира испитување на јавното мислење за прашања поврзани со актуелната политичко–економска состојба и рејтингот на политичките партии. Во истражувањето се вклучени две реномирани агенции (факт кои не се споенува во нападите кон нас) чии сопственици се Петар Арсовски и Владимир Божиновски, а во емисијата учествуваат и реномирани гости од општествено – политичкиот живот во Македонија.

Наша определба и цел е ваков тип на емисии да има пред секој изборен циклус во државата. Потврдувајќи ја определбата на модерните демократии за почитување на основното право на слобода на изразување, загарантирано со членот 10 од Европската конвенција за  заштита на човековите права и основните слободи, МРТ секогаш  се води според основните професионални стандарди и етички начела, потенцираат од Јавниот сервис.

МРТ ги отфрла сите неосновани напади за професионалноста и објективното известување.

-Како досега, така и натаму ќе известува точно, проверено и објективно за да ја одржи стекнатата доверба кај граѓаните. Јавниот сервис е отчетен кон публиката и постапува транспарентно кон неа. Отчетноста значи дека сите медиумски работници вклучени во програмата стојат зад нивната работа. На крајот сакаме да потенцираме дека МТВ во никој случај нема да влезе во днево политичка пресметка на партиите во овој предизборен период. Уште еднаш апелираме политичките партии да престанат да вршат притисок кон јавниот сервис. Како и до сега ќе продолжиме да работиме професионално, балансирано и согласно сите етички и професионални стандарди на известување. Впрочем на крајот на изборниот процес ќе ги видиме извештаите кои досега кажувале дека работиме балансирано и професионално. За сите овие партиски и политички притисоци и обиди за подривање на кредибилитетот на Јавниот сервис ќе бидат известени сите домашни и меѓународни медиумски организации како и амбасадите и мисијата на ОБСЕ, велат од соопштението од уредниците на Јавниот сервис.

Претходно СДСМ објави дека анкетите објавени на Националната телевизија МТВ за рејтингот на партиите се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Според владеачката партија, ова се лажни анкети и претставува голем скандал.

Оттаму велат дека станува збор за реализација на цела шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ на 05.12.2023 година за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, но и за други активности како пласирање лажни вести.

-ДПМНЕ има и одговорен и за ширење лажни вести, а креираат и лажни вести преку „дувла“ кои ги објавуваат опозициски портали. Ова е голем скандал кој покажува дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните а немаат врска со реалноста. Но исто така потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека „пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анекти се истите методи на Никола Груевски сега ги спроведува Христијан Мицкоски“.

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира информациите за наводни лажни анкети објавени на МРТВ. Според партијата, „не постои документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес како што се наведува во емисијата на Фуркан Салиу и потоа прераскажани од СДСМ“.

Според партијата на Христијан Мицкоски, потписите на документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните.

Слични содржини