Министерството за труд и социјална политика од утре започнува со интезивна работа на новиот Закон за работни односи, со цел креирање на нов системски закон кој ќе одговори на потребите на едно современо општество.
Во подготовката на новиот Закон за работни односи, ќе учествуваат сите чинители во општеството, претставници на работниците, работодавачите, Меѓународната организација на трудот, експерти од областа на трудот.
Низ отворен дијалог со социјалните партнери, ќе се работи на законско решение кое истовремено ќе обезбеди поголема заштита и унапредување на работничките права, а од кое решение треба да бидат задоволни и работниците и работодавачите.
Новиот Закон за работни односи ќе биде усогласен со меѓународните стандарди и ќе ја потенцира важноста на социјалниот дијалог. За подготовката на законот, особено е клучна поддршката која Министерството за труд и социјална политика ја добива од Меѓународната организација на трудот.
Министерството за труд и социјална политика очекува нацрт верзијата да биде готова пред започнувањето на годишните одмори, а веднаш по нивното завршување да се отвори широка јавна дебата, за што ќе биде информирана јавноста.