МТВ продуцира медиумски скандал во предизборие!

од Vladimir Zorba

Објавувањето на суровиот, немонтиран материјал од емисијата што МРТВ ја сними со јавната обвинителка Катица Јанева го доведува во прашање пржинскиот договор постигнат меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА во делот на медиумите!

 

Именувањето на Санта Аргирова за уредник на Информативната програма на Првиот програмски сервис на МТВ, формирањето на Привремената комисија за медиумска регулација, согласно со прифатената Методологија за мониторинг на 18-те македонски радиодифузери, согласно со заложбите на опозицијата, требаше да го врати на сцена одамна напуштеното професионално новинарство, особено во медиумите коишто работат под директива на владеајачката ВМРО-ДПМНЕ.

Но, наместо со овие сегменти да се обезбедат медиумски реформи за минимум професионалност во работата на сите медиуми, од јавниот радиодифузен сервис МРТВ се продуцира скандал којшто директно го дисквалификува Специјалното Јавно обвинителство, кое пак, токму согласно со овој Договор и според барањата на меѓународната заедница, треба да го продолжи својот фокус и ефикасноста во откривање на криминалот и корупцијата, за што се сомничат актуелни политичари, министри, функционери во Владата на Никола Груевски, а меѓу нив и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

7-500x274

Ленче Ристовска, Катица Јанева и Фатиме Фетаи

 

Од друга страна, наместо првата осуда на овој скандал да дојде од членовите на ад хок телото, со што ќе демонстрираа дека непристрасно ја вршат улогата на медиумски регулатори, членот именуван од ВМРО-ДПМНЕ, Цветин Чилиманов, во пост на својот Фејсбук профил, објави низа вулгарни дисквалификации на адреса на обвинителката Јанева, со крајно недоличен вокабулар.

CVETIN CHILIMANOV

„Жена која од некоја амбасада или штаб веројатно треба постојано да и се јавуваат да ја потсетат да вдише и издише, бидејќи не ми остава впечаток дека има ментален капацитет дури и за неволни вегетативни постапки. Дополнително, снимката мораше да се објави за да се покаже начинот на кој функционира уредувачката политика на МРТВ под новото раководство. МРТВ е веројатно единствена телевизија, која има значително назадување во извештаите од април и од септември“, пишува Чилиманов на својот пост.

Тој не отстапи ниту за момент од своите ставови, и во телефонскиот разговор посочи дека токму тие се целосно презентирани во наводите во неговиот пост.

„Јас сум член на ад-хок телото, да, но овие се мои лични ставови. Јас никому во ад-хок телото не сугерирам како да размислува и што да пишува, секој има право да си го каже своето мислење“, дециден е Чилиманов.

kostovski 2

Љубомир Костовски

Љубомир Костовски, кој исто така е член на регулаторно тело, но како предлог на СДСМ, смета дека објавувањето на рестлови од снимени, а необјавени делови од интервјуто на Специјалната обвинителка Јанева, е обид во манирот на највалканата политичка борба на еден од актерите во изборната арена, да и наштети и на институцијата СЈО (токму ден пред извештајот на СЈО да биде пред пратениците) и на новата главна уредничка на Првиот програмски сервис на МТВ.

„Таа арамиска операција, спротивна на новинарскиот фер плеј, како и на Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми (член 61) каде максимално се заштитува дигнитетот на лицата, кои ќе се најдат и пред камерите на било која ТВ станица, секако заслужува јасно и јавно оградување на сите оние фактори, кои имаат врска со јавните комуникации. За жал, повредата на споменатиот член не може да иницира казна од Привременото тело за мониторинг на медиумите, бидејќи е објавено на портал, значи, не е објавено на програма на радио и телевизиска станица. Секако, споменатиот член на Законот е прекршен и надвор од програмата на МТВ, па подлегнува на осуда од оние, кои се грижат за новинарската етика, а тука е и можноста од поведување на парница“, изјави Костовски, повикувајќи ги одговорните во јавниот сервис.

За овој медиумски скандал во време на предизборие се обидовме да добиеме коментар и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми. Директорот Зоран Трајчевски, остана недостапен за ЦИВИЛ Медиа (иако за денеска имавме резервирано термин за интервју).

Советот за етика во медиумите повикува итно да прекине злоупотребата на снимените материјали од емисијата и обидите за презентирање на добиените информации и гледишта во несоодветен контекст, без почитување на стандардите на чесно, коректно и објективно известување.Како што вели претседателот на Управниот одбор, Драган Антоновски, медиумите секогаш, а особено во овој предизборен период, треба да се придржуваат до професионалните стандарди и новинарскиот кодекс.

DSCN9366

                  Драган Антоновски

„Поттикнувајќи ги медиумите и новинарите да известуваат за теми од јавен интерес, ги потсетуваме дека, пред сé, треба да бидат одговорни пред својата публика и општата јавност и да ги негуваат правичноста и сеопфатниот пристап кон јавните прашања, без да служат на какви било посебни интереси. Од друга страна, во спротивност со нормите на професијата е и дистрибуцијата на аудиовизуелните записи што ги снимиле екипите на МРТ, за коишто право на обработка и нивно емитување имал јавниот радиодифузен сервис. Дистрибуирањето на снимениот материјал, освен што може да предизвика штети врз интегритетот на соговорникот, значи и непочитување на темелните начела на професионалното и одговорно однесување, чесност во работењето и чување на угледот и интегритетот на МРТ“, изјави Антоновски, претседател на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите за ЦИВИЛ Медиа.

Специјалното Јавно обвинителство денеска нема коментар за овој скандал што го продуцираше МРТВ.

„Одговорот треба да се бара во МРТВ, овој настан не е во наша надлежност“, изјавија од Одделот за односи со јавност во СЈО.

извор Цивил медиа

loading...

Слични содржини