Ништо во работната атмосфера во Управата за финансиска полиција не укажува дека за првиот човек на оваа институција, Арафат Муареми,како некогашен истражител во предметот „Труст“ и уште двајца поранешни обвинители на СЈО, Државното правобранителство поднесе кривична пријава, затоа што, како е наведено во истата, „дозволиле и не ги спречиле последиците настанати од незаконско постапување на страна на четврто пријавениот во случајот.“
Во интервју за „Локално”, директорот Муареми целосно ги демантира наводите дадени во пријавата за било какви пропусти направени од негова страна како истражител во предметот „Труст”, како и можноста поднесената пријава од државното правобранителство да влијае врз постапките кои Управата во моментов ги води.
УФП вели тој, во моментов постапува по наредба добиена од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција до кое е и доставена претставката од ДПИ.
„Со оглед на истото, може да заклучиме дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не смета дека има конфликт на интереси, а исто така ве уверувам дека вработените во Управата во своето работење, не само во овој предмет, туку и во сите останати предмети постапуваат професионално, самостојно и без било какви притисоци“, вели Муареми.
Останува на ставот дека вистината е на негова страна и дека кај него како поранешен истражител на СЈО нема пропусти во работењето како причина поради која имотот на Сеад Кочан не може да биде конфискуван.
Во таа насока појаснува дека надлежноста на истражителот е да презема дејствија во насока на откривање и собирање доказен материјал за докажување на основите за сомнение за сторени кривични дела и откривање на сторителите на истиот.
„Истражителот, согласно одредбите од Законот за кривична постапка, нема надлежност, ниту пак овластување да одлучува дали за одредени утврдени инкриминирани дејствија ќе се отвори истражна постапка или ќе се поведе судска постапка, и следствено на тоа истражителот нема надлежност, ниту овластувања да предлага или одлучува дали одреден имот за кој што постојат основи на сомнение дека потекнува од сторени инкриминирани дејствија ќе биде предмет на конфискација или не“, вели Муареми.
Целото интервју ќе може да го прочитате утре на „Локално“.