Муцунски до ЕУ: Билатералните прашања не смеат да станат пречка

од Љубиша Владимиров
36 прегледи

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски порача дека Македонија останува цврсто определена за полноправно членство во ЕУ и дека тоа е единствениот план – план А. На заедничка прес-конференција со австриската министерка за Европа и надворешни работи, Беате Мајнл-Рајсингер, тој нагласи дека државата очекува предвидливост од ЕУ и дека билатералните прашања, особено оние со Бугарија, не треба да станат пречка во евроинтеграциите.

Муцунски ја повтори позицијата дека Владата нема да прифати уставни измени „по секоја цена“, ниту пак решенија што ќе ја вратат државата во нестабилна позиција, како што, според него, се случи со предлогот од 2022 година.

„Бараме достоинствено решение кое ќе го гарантира нашиот идентитет и ќе обезбеди предвидлив пат кон членството во ЕУ“, рече Муцунски, додавајќи дека е важна и реципроцитетноста – ако од нас се бара почит кон малцинските права, истото треба да важи и за земјите-членки.

Тој потенцираше дека Владата активно комуницира со ЕУ, со земјите-членки и со Бугарија, формално и неформално, но нема да прифати концесии кои ќе го загрозат националниот интерес. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за време на посетата на Скопје, порача дека интеграцијата на Македонија во ЕУ предолго трае и дека е време за конкретни резултати.

Тој нагласи дека планот А не смее да се потцени, а премиерот Христијан Мицкоски изрази надеж дека со заеднички напори ќе се најде начин за деблокирање на процесот. Ставот на Владата останува: нема уставни измени без гаранции и конкретна испорака од другата страна.

Слични содржини