„Денес Венко Филипче повторно зборуваше за преговорите со ЕУ, како тие да се блокирани. Но вистината е тажна и едноставна – благодарение на СДС и ДУИ, тие преговори не можат да бидат блокирани, затоа што никогаш и не започнаа“ – вака денеска објави шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски по најновата изјава на претседателот на СДСМ.
Министерот обелодени која е целта на актуелната Влада во однос на евроинтеграциите на земјава.
-Од нас нема да слушнете големи зборови без покритие и празни чекори во сегашноста. Нашата задача не е да нудиме изговори, туку резултати. Затоа ја движиме државата напред – таму каде што ѝ припаѓа: во Европа. И тоа не е слоган, туку реалност што ја градиме преку конкретни проекти: бесплатен роаминг за нашите граѓани во ЕУ, зелени ленти за нашите превозници, пристап до европскиот единствен систем за плаќање, партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ. Тоа се вистински реформи, а не празни флоскули, објави Муцунски.
Министерот за надворешни работи испрати и директна порака до опозицијата.
-Оттука, Венко е во право: зборувам и работам и за поевтин роаминг за македонските граѓани. Но зборувам и за зачуван идентитет, достоинство и гордост. И да, не зборувам за виткање кичма, за администратори, за договори под маса, за прифаќање уцени или ултиматуми, како што тие го правеа тоа. Тука има разлика – и граѓаните ја гледаат таа разлика.
И токму затоа ја повикувам опозицијата да дејствува рационално и разумно. Да не штети на европскиот процес, туку да помогне преку реформите дома. Затоа што ова не е борба за лични или партиски интереси. Ова е борба за граѓаните, за државата, за иднината. И ќе напредуваме само ако сите заедно ги ставиме државните пред партиските интереси, стои во објавата на Муцунски.
Претседателот на СДСМ, денеска ја обвини Владата дека со изговори и недејствување ја блокира европската иднина на земјата. Вели дека единствено нешто во што е конзистентна владеачката партија е тоа дека нема да има преговори со Европската Унија.
Филипче: Македонските национални интереси не се распродадени, тоа е само лажна кампања