Мурати: Уставен утре ќе одлучува дали ќе отвори постапка за одлуката за распуштање на Собранието

од Берта Китинска
316 прегледи

Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати во интервју за МИА најавува дека утре, по завршувањето на седницата, на работен состанок ќе се расправа по предлогот на судијата Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието.

Мурати вели дека по однос на Одлуката за распуштање на Собранието („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020), во моментот нема оформен предмет за оценување нејзина уставност и законитост, но понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот што ќе го заземат уставните судии на утрешниот работен состанок.

Судот, претходно во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука. Но, минатиот четврток (30 април), од страна на судијата Осман Кадриу е доставен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на истата одлука, поради што за утре е закажан работен состанок на судиите.

Ако судиите одлучат да се поведе постапка по службена должност, ќе биде оформен посебен предмет кој ќе биде доделен во работа на судија-известител и државен советник, кои по завршувањето на претходната постапка, треба да достават работен материјал за седница (реферат) со содржан предлог за одлучување што ќе биде разгледан на седница на Судот.

Секако, истакнува претседателот на Уставниот суд, тоа е хипотетички не значи однапред прејудицирање на таква одлука, која треба да биде донесена по претходна расправа за ова прашање.

Пред уставните судии утре треба да се најде и одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.

Мурати во интервјуто се осврнува и на оспорената владина уредба за намалување на платите на функционерите што предизвика реакции во јавноста.

Слични содржини