ХРВАТСКА и АНГЛИЈА во недела од 15 часот на „Вембли“ ќе го одиграат натпреварот од првото коло на Европското првенство во групната фаза. Во групата се и Чешка и Шкотска.
Со денови се водат дебати во англиските медиуми за тоа кој треба да биде во првите 11 на селекторот Герет Саутгејт против Хрватска и како да се игра на тој натпревар.
Многумина предлагаат напаѓачка варијанта.
На помош пристигна и Жозе Мурињо, кој ја состави првата постава во својата анализа за talkSPORT и испрати јасна порака:
„Нападнете ги Хрватите!
Жозе би ја испратил следната екипа против Хрватска во формација 4-2-3-1.
Дин Хендерсон; Кајл Вокер, Џон Стоунс, Тајрон Мингс, Бен Чилвел; Калвин Филипс, Деклан Рајс; Фил Фоден, Мејсон Монт, Џек Грелиш; Хари Кејн
Иако Саутгејт генерално претпочита формација 3-5-2 со Англија, Мурињо тврди дека клучот е во контролата на настаните на средината на теренот, каде што Хрватска со Лука Модриќ е сепак поквалитетна.
„За да бидете офанзивни, мора да имате контрола врз играта. Како може да бидете офанзивни ако немате посед на топка? Важно е да ја контролирате таа средина. Мислам дека треба да играте со тројца играчи во врска и таа област да биде контролирана. Кога велам со тројца, еден од нив може да биде Фил Фоден. Не велам дека треба да бидат Хендерсон, Рајс или Филипс, но верувам дека е важно да имате контрола. Кога имате добар среден ред како што има Англија, со напад што го има, Англија има сè. Герет се обиде многу пати со пет позади и ако сака да оди така, немам проблем со тоа“.
Мурињо откри дека се сомнева дали Џад Белингем, кој одигра одлична сезона во Борусија Дортмунд, да биде вклучен во најдобрите 11.
„Тука има играч кој го сакам, но тој можеби нема да игра за мене на првиот натпревар. Тоа е Џад Белингем. Тој има фантастичен потенцијал. Да игра во тандем со Рајс, мислам дека Белингем би бил совршен“, рече новиот тренер на Рома, подвлекувајќи двајцата недопирливи.
„Тоа се Хари Кејн и Џек Грелиш. Најдобра позиција за Грелиш е кога ќе дојде од лево. Тој е страшен за мене, и таа негова личност создава многу … Ме потсетува малку на Луис Фиго“.
Португалецот ги анализираше шансите на Англичаните на Еврото. Го прашаа дали Англија може да го освои турнирот.
„Сто проценти. Тие имаат потенцијал и секако можат да го освојат Европското, иако имаат малку преголем притисок што не им е потребен сега. Треба да бидат позитивни, да веруваат во себе и да влезат на секој натпревар мислејќи дека може да победат“.