Мурињо: Погба не игра добро, но остатокот е лага (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо ги нападна остро новинарите за време на денешната прес-конференција, под влијание од информациите од последните два дена дека меѓу него и Пол Погба има конфликт, а Французинот е незадоволен од позицијата на која е користен. Денес, дури имаше гласини дека оваа ситуација може да доведе до трансфер на Пол во Реал Мадрид. Мурињо ги нарече сите овие вести „лага“ и ги повика новинарите да не пишуваат „глупости“.

„Кога велите дека има многу шпекулации, всушност треба да пишувате дека има многу лаги. Можам без никаков проблем да зборувам од името на Пол. Тој го прифаќа фактот дека не игра добро во последните неколку натпревари, но тоа е тоа. Поголемиот дел од работите кои го читате и слушате, се лаги. Не треба да ви раскажувам за разговорите помеѓу мене и моите играчи. Тие се наш проблем. Голема лага е дека нашите односи не се добри. Голема лага е дека не комуницираме. Тоа е голема лага дека немаме консензус за неговата позиција во тимот. Она што сите го знаеме – во последните неколку натпревари тој не игра добро. Тоа е само еден период. Крај на приказната. Сега зависи од мене и него да го подобриме нивото на неговата презентација“, изјави Мурињо.

Португалецот додаде дека Погба играл во дуелот против Њукасл токму на својата омилена позиција – лево во средниот ред во формација 4-3-3, па нема начин како Французинот да е незадоволен од својата улога на теренот.

„Знаете ли кој е омилен систем на Пол? 4-3-3. Знаете ли која му е омилена позиција во оваа шема? Лево, како бр.8. Значи би било најчесно и најлесно да бидеме објективни и едноставно да кажеме дека Пол не играше добро против Њукасл. Немојте сепак да ги терате луѓето да читаат нешта кои не се вистинити. Ве плаќаат да ја разберете играта и да ја објаснувате играта. Не зборувајте глупости“.

Мурињо додаде дека утре Погба ќе игра во Купот на Англија против Хадерсфилд.

https://www.youtube.com/watch?v=dFWOGBy59f4

Слични содржини