Муртезани: Геополитичките промени можат да му дадат импулс на нашето европско досие – тоа го покажува фактот што проширувањето е високо на агендата на ЕУ

од Nikola Popovski
151 прегледи

Евроинтеграциите на Република Северна Македонија не се замрзнати. Напротив, процесот е активен и динамичен, а ние сме посветени на секој негов аспект. Тоа го покажуваат редовните активности, како што се назначувањето на главниот и заменик-главниот преговарач, длабоката анализа на скрининг извештаите од Европската комисија за пет од вкупно шест кластери, редовната имплементација на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, програмирањето и реализацијата на ИПА проектите, како и имплементацијата на Планот за раст и Реформската агенда 2024-2027, вели во новогодишно интервју за „Локално“, министерот за европски прашања и главниот преговарач за членство во Европската Унија, Орхан Муртезани.

Според него, евроскептицизмот е предизвик, но не и пречка што не може да се надмине. Потенцира дека важно е да се одржи и зајакне довербата на граѓаните во европскиот пат на земјата.

-Иако секогаш треба да се биде претпазлив при коментирање на ставови од други политичари, во овој случај целосно се согласувам со спикерот Гаши дека процесот на проширување бара нов концепт и редефинирање. Унијата мора да размисли за модалитети кои ќе го направат процесот поефикасен и пореален за сегашните и идните кандидати., посочува Муртезани на прашањето дали ЕУ треба да најде нови модалитети за заокружување на процесот на евроинтеграции.

Министерот е дециден дека Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан дефинитивно не е замена за полноправното членство на нашата земја во ЕУ.

-Нашата задача е да ги искористиме сите можности што ги носи Планот за раст, додека паралелно напредуваме на пристапниот процес и ги спроведуваме реформите потребни за полноправно членство. За нас, клучно е да покажеме дека сме подготвени не само да ги усвоиме, туку и да ги имплементираме европските стандарди, објаснува главниот преговарач со ЕУ.

На прашањето дали геополитичките поместувања и случувањата во Европа и светот може да го „поттурнат“ нашиот пат кон Брисел, Муртезани тврди дека постои ретка можност која мора да ја искористиме, бидејќи не знаеме кога ќе се повтори ваква стратешка поддршка за проширувањето.

Евроинтеграциите се чини се замрзнатиоткако Македонија не ги исполни своите обврски, преземени со потпишувањето на договорот со ЕУ за внесувањето на Бугарите во Уставот. Каква иднина, по ваше мислење, ја очекува земјава со закочени евроинтеграции?

-Најнапред, евроинтеграциите на Република Северна Македонија не се замрзнати. Напротив, процесот е активен и динамичен, а ние сме посветени на секој негов аспект. Тоа го покажуваат редовните активности, како што се назначувањето на главниот и заменик-главниот преговарач, длабоката анализа на скрининг извештаите од Европската комисија за пет од вкупно шест кластери, редовната имплементација на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, програмирањето и реализацијата на ИПА проектите, како и имплементацијата на Планот за раст и Реформската агенда 2024-2027.

Сепак, предизвикот со усвојувањето на уставните измени останува. Оваа преземена обврска од претходната Влада, бара решение што ќе ја зачува нашата европска перспектива, а истовремено ќе ги заштити државните и националните интереси. Убеден сум дека решение постои и ќе продолжиме со нашите напори да го најдеме, бидејќи за нас нема алтернатива на полноправното членство во Европската Унија. Нашата иднина е во Европа и тоа е стратешкиот приоритет на оваа коалиција и на нашата Влада.

Кога зборуваме за обврските од билатералните договори со соседите, важно е да се нагласи дека тие создаваат одговорности за двете страни. Спроведувањето на некои одредби бара добра волја, стабилна политичка поддршка и континуиран дијалог. Во овој процес, факторот време е исто така клучен, бидејќи некои прашања се сложени и бараат трпение и посветеност. Во контактите со нашите европски партнери, ги истакнуваме нашите легитимни загрижености за понатамошниот тек на преговорите по усвојувањето на уставните измени. Сметам дека тие се сфаќаат сериозно во Брисел, и ова ни дава основа за надеж дека преку дијалог и конструктивен пристап ќе се дојде до креативни решенија за напредок. Секако, свесни сме дека одредени елементи како Преговарачката рамка не се предмет на репреговарање, но тоа не ја намалува нашата посветеност да ги решаваме сите предизвици со максимална одговорност и дипломатска суптилност.

Вашиот коалиционен партнер, Изет Меџити најави уставни измени до Нова година, кои очигледно нема да се случат. Предизборното ветување „уставни измени за 6 месеци“ исто така пропадна во вода. Мицкоски не сака „диктати“ и бара гаранции од Бугарија, но со оглед дека тоа е „диктатот“ и од ЕУ, имате ли план „Б“ по ова прашање?

-Процесот на уставни измени е исклучително важен и комплексен и не само што бара широкa политичкa усогласеност, туку и внимателно разгледување на сите опции. Како коалиција, ние продолжуваме со посветеност на нашите евроинтегративни цели, вклучувајќи ги преземените обврски како што се уставните измени, кои се обврзувачки за напредокот на земјата. Различните ставови на политичките партнери се дел од природата на демократијата, но нашата основна цел останува јасна: да го забрзаме процесот на интеграција во ЕУ, што вклучува исполнување на обврските од преговарачките процеси. Во контекст на прашањето за план „Б“, секогаш сме подготвени да ги разгледаме сите можности и да се адаптираме на ситуацијата, сé со цел обезбедување на стабилен и одржлив напредок за нашата земја.

Сметате ли дека геополитичките поместувања и случувањата во Европа и светот може да го „поттурне“ нашиот пат кон Брисел? Дали на тоа се надевате како Влада?

-Мислам дека геополитичките промени можат да му дадат импулс на нашето европско досие. Тоа е очигледно од фактот што проширувањето е високо на агендата на Европската Унија, особено со ангажманот на Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Земји како Украина и Молдавија веќе ги започнаа преговорите, придружувајќи им се на Северна Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора, што е значајна динамика во процесот на интеграција. Како Влада, очекуваме фер однос и исти правила како за сите земји во оваа фаза на пристапните преговори. Свесни сме дека ова е ретка можност која мора да ја искористиме, бидејќи не знаеме кога ќе се повтори ваква стратешка поддршка за проширувањето.

Истовремено, внимателно ги следиме промените и политичките текови во земјите-членки, како што се Германија, Франција, Италија и други. Евидентно е дека Европската Унија е во процес на адаптација на новите глобални геополитички услови, а тоа налага и ние да останеме посветени и подготвени да се прилагодуваме на идните предизвици и промени.

Гледате ли намалување на ЕУ ентузијазмот меѓу граѓаните со доаѓањето на оваа Влада, со оглед на ставовите кои ги има и Мицкоски? Колку зголемувањето на „евроскептицизмот“ е двигател за потезите кои ги влече вашата коалиција?

-Евроскептицизмот е предизвик, но не и пречка што не може да се надмине. За разлика од некои земји во нашиот регион, кај нас евроскептицизмот сè уште не е на алармантно ниво, но неговиот раст не треба да се игнорира. Овој тренд се должи, во голема мера, на долгото чекање и сложеноста на пристапниот процес, но и на разочарувањата кои граѓаните ги чувствуваат од одредени политички одлуки, како на национално, така и на европско ниво. Ова бара одговорен пристап од сите нас – и Владата и политичките партии и институциите. Евроинтеграциите не се партиски проект, туку натпартиска, национална цел и затоа е неопходно да се најде политички консензус за клучните реформи. Тоа подразбира балансирање на политичките товари наследени од претходните влади со тековните обврски од пристапните преговори и имплементацијата на Реформската агенда.

Од друга страна, важно е да се одржи и зајакне довербата на граѓаните во европскиот пат на земјата. Ова се постигнува преку јасна и транспарентна комуникација, редовно информирање за придобивките од европската интеграција и видливи резултати од реформите што ги спроведуваме. Само така можеме да осигуриме дека евроскептицизмот ќе остане на маргините, а ентузијазмот за членство во ЕУ ќе продолжи да биде двигател на нашето општество.

„Мислам дека треба да пристапиме кон нов концепт и мислам дека е време за редефинирање на процесот на проширување, што треба да биде дебата внатре во ЕУ“, вели спикерот Африм Гаши. Сметате ли дека ЕУ треба да најде нови модалитети за заокружување на процесот на евроинтеграции?

-Иако секогаш треба да се биде претпазлив при коментирање на ставови од други политичари, во овој случај целосно се согласувам со спикерот Гаши дека процесот на проширување бара нов концепт и редефинирање. Унијата мора да размисли за модалитети кои ќе го направат процесот поефикасен и пореален за сегашните и идните кандидати. Ние сме свесни, а уште повеќе самите внатре во ЕУ се свесни дека и тие треба да спроведат реформи за да останат функционални, економски силни и атрактивни за нови членки. Европската комисија веќе ја започна оваа дебата, што е јасно видливо во Комуникацијата објавена на почетокот на годината, која ги опфаќа неопходните реформи што Унијата треба да ги спроведе пред приемот на нови земји. Особено станува збор за предизвиците што би ги донела земја од големината на Украина, која значително го менува внатрешниот баланс на Унијата; како политички, така и финансиски.

Моето мислење е дека ова претставува можност за Унијата да ја зацврсти својата улога како глобален актер и истовремено да го забрза процесот на ЕУ интеграција за земјите од Западен Балкан. Новите модалитети треба да се фокусираат на пристап каде напредокот ќе биде веднаш видлив, а бенефитите од реформите – конкретни и опипливи за граѓаните.

Националниот совет за евроинтеграции е добра основа за постигнување на национално единство по однос на клучните прашања поврзани со евроинтеграциските процеси, порача првиот опозиционер. Можно ли е да се прифати единствена платформа која нема да се менува кој како доаѓа на власт?

-Националниот совет за евроинтеграции, кој постои веќе долг период и традиционално е претседаван од опозицијата, има клучна улога во обезбедување платформа за широка дебата и изградба на консензус. Неговата цел е да гарантира континуитет во евроинтегративниот процес, без разлика на политичките промени. Во суштина, Северна Македонија отсекогаш имала начелен консензус за европскиот пат. Со исклучок на една парламентарна партија, речиси сите други политички субјекти јасно и недвосмислено, или барем декларативно, го поддржуваат нашето членство во ЕУ. Поради ова, постигнувањето консензус околу единствена и долгорочна платформа не би требало да биде пречка, туку прашање на политичка волја и дијалог.

Дали Планот за раст, кој треба да претставува некаков мост кој ќе го поврзе Западен Балкан со ЕУ е замена за полноправното членство на земјава?

-Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан дефинитивно не е замена за полноправното членство на нашата земја во Европската Унија. Ова е јасно и недвосмислено потврдено од Брисел, вклучително и од евроамбасадорот Рокас, кој при презентацијата на Реформската агенда нагласи дека „Планот за раст не го заменува членството на земјите од Западен Балкан во Унијата.“

Како што веќе објаснив при претставувањето на Реформската агенда пред Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Северна Македонија, на која меѓу другите, учествуваше и амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, овој План за раст за периодот 2024-2027 година носи значајни придобивки. Тој опфаќа структурни реформи, дигитална трансформација и зелена агенда, кои се од суштинско значење за конкурентноста и одржливиот развој на регионот. За нас, тоа претставува дополнителен стимул за инвестиции во инфраструктура, развој на одржлива енергетика и подобрување на деловната клима.

Она што е важно да се разбере е дека овие иницијативи не се ексклузивни една на друга, туку се комплементарни. Нашата задача е да ги искористиме сите можности што ги носи Планот за раст, додека паралелно напредуваме на пристапниот процес и ги спроведуваме реформите потребни за полноправно членство. За нас, клучно е да покажеме дека сме подготвени не само да ги усвоиме, туку и да ги имплементираме европските стандарди. Унапредувањето на образованието, развојот на човечкиот капитал и адаптирањето на нашата економија кон дигиталните и зелените трендови остануваат наши приоритети. Планот за раст ни помага во оваа насока, а полноправното членство во ЕУ останува нашата главна цел.

Како очекувате да се одвива динамиката во однос на евроинтеграциите во 2025 година? На што вие како европски министер ќе се фокусирате?

-Како министер за европски прашања, мојата главна цел е да го забрзам процесот на евроинтеграција и да го придвижам нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија. Во 2025 година, динамиката на процесот ќе зависи од нашата подготвеност и од поддршката од страна на Унијата. Мојот фокус ќе биде насочен на организацијата на системот за пристапни преговори, кој опфаќа повеќе од 1200 експерти, како и на анализа на скрининг извештаите и подготовка на ревидирана Национална програма за усвојување на европското право. Покрај тоа, ќе работам на јакнење на системот за имплементација на Реформската агенда, со ефективен мониторинг, известување и евалуација. Од суштинско значење е и искористувањето на ИПА средствата и подобрувањето на институционалната функционалност која ја следи имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Конечно, ќе се фокусирам на развојот на човечкиот капитал во Министерството и останатите институции, како и на привлекувањето млади кадри кои ќе го продолжат патот кон членството. Ова е амбициозен, но остварлив план ако сите се вложиме и ако секој ја преземе својата одговорност.

Н.П.

Слични содржини