Муртезани: Кредибилитетот на пристапниот процес е од клучно значење за ЕУ перспективите

од Илинка Илиоска
24 прегледи

Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, за време на својата работна посета на Грција, оствари средба со потпретседателот на грчкиот Парламент и претседател на Комисијата за европски прашања, Јоанис Плакиотакис.

На средбата беше нагласена улогата на парламентарната дипломатија во унапредувањето на политичкиот дијалог и билатералните односи меѓу двете земји. Разгледани беа можности за засилување на комуникацијата меѓу парламентите на Северна Македонија и Грција, како дел од заедничките напори за градење поблиски добрососедски врски.

Во фокусот на разговорите беа европските интеграции на Северна Македонија и политиката на проширување на Европската Унија. Министерот Муртезани ја истакна потребата од зачувување на кредибилноста на пристапниот процес, особено во контекст на предизвиците што земјата ги надминува на патот кон следната фаза од преговорите. Дополнително, се дискутираше за Планот за раст на Западен Балкан, при што беше подвлечена важноста на економската конвергенција со ЕУ. Македонската страна изрази интерес за продлабочување на соработката со Грција, особено во сферата на инфраструктурното поврзување и енергетската безбедност.

Соговорниците разменија мислења и за билатералните процеси што се во парламентарна процедура, при што беше потенцирано дека исполнувањето на преземените обврски е клучно за градење доверба и одржување на динамиката на соработката. Двете страни се согласија дека конструктивниот пристап и инклузивниот политички дијалог остануваат од суштинско значење за натамошно зајакнување на партнерските односи.

Слични содржини