Првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу во разговор за Слободна Европа објаснува дека лажни вести и пропаганди се користат за состојбата со вакцините во борбата против коронавирусот и големите држави вршат притисок врз владите во регионот, а во овој случај и Македонија не е имуна на таквиот притисок.
-Ковид дипломатијата е алатка во хибридната стратегија, која се појави со почетокот на ковид пандемијата и трае во изминатиов период од една година. Секој креатор и спроведувач на стратегија развива тактичко – оперативни мерки за делување кои опфаќаат неколку платформи базирани на геополитичкиот интерес, регионални состојби и конфигурација на терен. Хибридна стратегија за делување и присуство во одреден регион развиваат само големи држави со геостратешки интерес кои мора да најдат и регионални точки од каде ќе ја спроведуваат зацртаната агенда. Изработуваат платформи, базирано од државата во која се има интереси и може да варира помеѓу употреба на дипломатија , разузнавање, економски и бизнис интереси, медиумско- пропагандно делување , со крајна цел вршење притисок врз владите и реализација на нивните интереси.Се сеќаваме сите дека во почетокот беше борба за информација за набавка на маски , скафандери, ракавици и дезинфекциони средства, а во последниот период се претвори во потреба за обезбедување вакцини. Моментално се експлоатира процесот на вакцинација и промоција на едни наспрема други вакцини, а можеби во нареден период ќе прерасне во битка за добивање лек , вели Муслиу.
Тој објаснува дека и во нашата земја притисокот е видлив.
-Па притисокот е видлив, видлива беше нервоза, многу медиуми известуваа, имаше борба меѓу власт и опозиција со различни настапи, значи тоа се многу елементи кои креаторите на хибридни стратегии го посакуваат. Да се дојде до таква ситуација. Затоа кажувам дека и нашата земја не остана имуна на таквото делување и притисокот врз нашата Влада, вели Муслиу.