Муслиу за декларацијата на ДУИ: Суштината е кој од албанските коалиции ќе оди во опозиција, односно дека не одлучуваат гласачите, туку партнерот од македонскиот блок

од Nikola Popovski
1,7K прегледи

Европскиот фронт усвои политичка декларација за како што велат, етничкиот легитимитет што произлегува од последните избори. Декларацијата ја потпишаа политичките претставници на фронтот и истата како што посочија ќе биде пратена до сите државни и меѓународни претставници. Во неа стои дека владините партнери мора да бидат определени од политичката волја на двете најголеми заедници во земјата, Албанците и Македонците, како и легитимните претставници на другите заедници.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој ја прочита декларацијата посочи дека непочитувањето на легитимитетот овозможува воспоставување на етничка хегемонија и претставува понижување кон Албанците. Тој порача дека „моноетничкото мнозинство, кое го нарушува легитимитетот на другите етнички заедници, го оптоварува соживотот, демократијата и тоа не треба да го дозволиме сите ние заедно, домашните сили и меѓународната заедница, како гаранти на Охридскиот договор и олеснувачи на Мајскиот договор“. Од Европскиот фронт се надеваат дека ќе го анимираат меѓународното внимание за начинот на кој Охридскиот договор се загрозувал во Македонија. На сето тоа се огласија од ВЛЕН, од каде лидерот на Демократското движење, Изет Меџити ѝ порача на коалицијата предводена од ДУИ дека „претставата заврши и дојде време да се спушти завесата“.

Дали не очекува жешко политичко лето или „претставата е завршена“?

Според домашните аналитичари, се уште не е познато дали ќе се оствари целта бидејќи мораме да видиме кои се следните чекори што ќе ги преземат од коалицијата предводена од ДУИ. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека ја разбира суштината и таа произлегува од некои дилеми што ги имало во Македонија уште од 90-тите години.

-Две меѓународни структури беа гарант на Охридскиот договор, не беа само нашите политичари. Едните беа САД, а другите беа од ЕУ со нивните претставници. Оттаму и изворната верзија на Охридскиот рамковен договор е на англиски јазик и тоа го пишува во него. Кажано е и тоа да нема различни начини во Македонија на интерпретација на Договорот. Дали ќе ја анимираат меѓународната заедница, зависи од чекорите на Европскиот фронт. Секако дека имаат обврска да го гарантираат тоа што го потпишале уште во 2001 година, истакнува Муслиу во разговор за „Локално“.

Според него, не е суштината да си во позиција или опозиција.

-Сигурен сум дека Европскиот фронт да изгубеше од ВЛЕН, ќе немаше аргументи за да не оди во опозиција. Тука суштината е кој од албанските коалиции ќе оди во опозиција, односно дека не одлучуваат гласачите, туку партнерот од македонскиот блок и тоа е суштинската забелешка и аргументот со кој одат понатаму од страна на Европскиот фронт. Не верувам дека е завршена приказната затоа што освоија поголем број на гласови. До нив ќе бидат да покажат дека не е суштината во позиционирањето туку во изборувањето за право кое е добиено со измените во 2001 година, смета Муслиу,

Од друга страна, универзитетскиот професор Мурат Алиу тоа што било кажано при потпишувањето на Декларацијата, се говори со националистички тонови од 90-тите години.

Тој смета дека Европскиот фронт ќе ја продолжи битката за прашањето за албанскиот легитимитет што го претендира.

„Тоа значи дека дискурсот за „недостиг на легитимитет“ ќе биде товар за ВЛЕН во следниот период. Во овој случај, ВЛЕН има само еден пат: со квалификуван кадар да докаже добро владеење. Во спротивно, тешко дека ќе го преживеат дискурсот каде ВЛЕН е претставен како „вазал“ на ВМРО. Од друга страна, она што ДУИ не сака да го направи е да се соочи со самата себе. Да не направи самокритика, значи да не кажува ниту еден збор за сета таа корупција и кражба се показател за нивната главна грижа“, истакнува Алиу.

Денес со став се огласи и Аријанит Хоџа од Европскиот фронт. Тој изјави дека албанските гласачи му дале легитимитет на Европскиот фронт.

„Коалицијата ВЛЕН два-три дена пред изборите објави фотографии со господинот Мицкоски на кои сите прогласија дека ова ќе биде идната Влада и два дена потоа Албанците излегоа и гласаа. Легитимитет повторно му беше доверен на Европскиот фронт кој уште еднаш докажува дека гласачот му дал легитимитет. Ако Албанците веруваа дека ВЛЕН ќе биде политички претставник во идната Влада, тогаш гласовите ќе требаше да одат за ВЛЕН“, рекол Хоџа во емисијата „Дејли клик“.

Тој додал и дека македонските партии ја изразиле својата најголема нервоза, откако кон Европскиот фронт се приклучиле партиите од заедниците на другите етнички групи.

Со сличен став е и пратеникот и градоначалник во заминување, Блерим Беџети. Најави дека нивната коалиција во наредните денови ќе има активности во правец на, како што рече, одбрана на легитимитетот на гласачите Албанци.

-Рамковниот договор е многу значаен и многу битен за сите етнички заедници во државата и затоа ние уште вчера како прв чекор, а ќе следуваат и многу други чекори во одбрана на легитимитетот на еден главен столб во демократијата. Нормално дека ќе има и други активности во овој правец за бранење на легитимитетот, каде што би имале смисла демократијата и гласањето, бидејќи ние сме организирани како етнички политички партии. Ние веќе се обративме со декларацијата и ќе продлжиме и во иднина и во наредниот период што е пред нас со други активности во одбрана на легитимитетот, рече Беџети денеска од Собранието.

Н.П.

Слични содржини