Мутираниот ковид зарази уште три лица

од Берта Китинска
529 прегледи

Британскиот сој пред неколку дена беше детектиран во земјава.А, првата жртва токму од него беше регистрирана денес.

Кај охриѓанецот кој бил заразен со новиот сој на возраст од 46 години, според информациите на министерот за здравство имало ризик фактор – обезност. Претходно британскиот сој беше откриен кај 46-годишен маж од Скопје кој веќе оздравел.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска во изјава за медиумите рече дека можно е новиот сој на коронавирусот да постоел во земјава уште пред неколку недели, а засега имаме три официјално потврдени случаи.

-Откако ќе се земе брис, само во некои случаи се прави секвенционирање на геномот на вирусот, можно е да сме го имале новиот виррус и минатиот месец, но тогаш епидемиолошката слика беше таква што во некои случаи се намалуваше. Можно е евентуално оваа мутација да е присутна во последните повеќе неколку недели кога после падот има едно ниво на израмнување на кривата, но во секој случај она што е многу битно дека нема влошување, во смисла на зголемување на случаите. Се уште не е искулчена можноста, можно е и тоа да се случи и сме внимателни и затоа и мерките засега остануваат исти, изјави Филипче.

Доктор Горан Кунгуловски од клиниката Жан Митрев, пред неколку дена пред јавноста ја сподели загрижувачката вест, дека заразниот вирус, којшто навлезе во 70 земји досега, е присутен и во земјата уште пред Нова година.

„Вирусите постојано мутираат. Досега се детектирани илјадници мутации на корона вирусот, некои го ослабнуваат, а некои ги менуваат неговите особености. Овој вирус еволуира многу побавно за разлика од сезонскиот грип. Не знаеме, но најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина за него“, изјави Кунгуловски.

Мутацијата на вирусот за прв пат беше откриена во Велика Британија кон крајот на минатата година, а според последните податоци на СЗО веќе е проширена во 70 други земји.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 92.518, бројката на оздравени пациенти е 81.316, на починати е 2.848, а бројот на активни случаи изнесува 8.354.

Слични содржини