Музеј на Град Скопје: Шеќеров сакаше да вклучи дела кои тематски не се поврзани со проектот

од Nikola Popovski
482 прегледи

Во врска со изнесените наводи за цензура во Музејот на Град Скопје, од Институцијата информираат дека се работи за проектот Каљари – Скопјe, “Cagliari – Skopje” – кој е плод на размена во областа на културата помеѓу Италија и Македонија.

-Во текот на есента 2022 година беа реализирани две резиденции на уметници, една во Каљари, Сардинија и една во Скопје, каде македонски и италијански млади уметници заеднички твореа уметнички дела, инспирирани од културата и природата на околината во која се наоѓаат резиденциите – во Република Македонија тоа беа градот Скопје и Скопската околија, а во Сардинија, градот Каљари и островот Антиоко.

Резултатите од овие две уметнички работилници беа прикажани во Музејот на Град Скопје во текот на вчерашниот ден. Уметниците од Сардинија ги прикажаа cвоите импресии од Македонија, а скопските уметници своите импресии од Сардинија. За жал, еден од македонските уметници, Зоран Шеќеров, сакаше да вклучи свои дела кои тематски не се поврзани и не се вклопуваат со проектот, бидејќи не се поврзани со неговиот престој во Сардинија.

Но, бидејќи за Музејот од особена важност е стимулирање на критичка уметност го покануваме Зоран Шеќеров да аплицира со овие дела за самостојна изложба. Вратите на Музејот се секогаш отворени за млади и креативни уметници од Македонија со цел промоција на македонската култура, стои во соопштението од Музејот.

Уметникот на својот Фејсбук профил објави дека „28-ми ноември како црн ден за македонската култура и уметност, ден кога се цензурираше уметникот во Македонија“.

-Уметничката инсталација во која уметникот Зоран Шеќеров ја анализира „северна“ е забранета и нема да биде дел од утрешната изложба „А/R Каљари-Скопје“ во Музејот на град Скопје, истакна Шеќеров. 

Слични содржини