МВР бара од Стоилковски да не шири лаги: Прашањата за Самиу да ги упати до надлежниот суд

од Nikola Popovski
205 прегледи

Министерството за внатрешни работи апелира до партијата ВМРО-ДПМНЕ да престане да пласира лаги, чија цел е дискредитирање на полицијата. На денешната прес конференција, велат од МВР, преку лицето Наум Стоилковски беа пласирани лаги за наводна поврзаност на полицијата со бегство на лицето Наим Самиу, иако и Стоилковски би требало да знае дека надлежен за определување мерка притвор е единствено – судот.

-Значи, наместо да шири лаги за МВР, упатувајќи небулозни прашања на погрешна адреса, Стоилковски прашањата треба да ги упати до надлежниот суд. А фактите говорат дека полицијата постапи по сѐ што е донесено како одлука од судот, велат од полицијата.

Токму по поднесена кривична пријава од страна на СВР Тетово на 16 август 2023 година, на Самиу му бил определен активен притвор, а на 29 септември 2023 година од страна на Основниот суд Тетово мерката активен му е заменета со мерка куќен притвор.

-Покрај ова, ја известуваме јавноста дека против Самиу досега се поднесени 15 кривични пријави за вкупно 30 кривични дела, потоа 4 прекршочни пријави, како и едно писмено известување до ОЈО Тетово. Уште еден доказ кој ги демантира лагите на Стоилковски. Апелираме до партијата ВМРО-ДПМНЕ да престанат да шират лаги. За работењето на МВР сведочат резултатите, стои во демантот на полицијата.

Како што изјави претходно Стоилковски, Самиу бил во куќен притвор заради дрога кокаин, како и со мерка заради семејно насилство, кога на 13-ти месецов повторно е пријавен за семејно насилство.

-На 15-ти месецов полиција го спроведува до суд за трето кривично дело. Истиот ден се готви решение за активен притвор наместо куќен. Полицијата го враќа дома, а веќе следното утро, на 16-ти полицијата не го наоѓа дома за да го спроведе во истражен затвор, рече меѓу другото портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини