Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против С.С.(32), Ф.С.(58) и С.С.(33) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
Пријавените во декември 2016 година набавиле банкарски податоци од вистински платежни картички и податоци за носители на тие платежни картички, при што така изготвените лажни платежни картички ги употребиле како вистински на продажни места во правни субјекти каде тие биле управители. Пријавениот С.С.(32) во правниот субјект каде е управител, изготвил фактури во кои ја наведувал трговската стока и нивната цена, како и име и презиме на купувачот, без дополнителни идентификациони податоци. На овој начин тој извршил 64 трансакции од кои девет успешни со вкупен износ од 894.200 денари. Исто така, пријавените Ф.С.(58) и С.С.(33) во истиот период лажните платежни картички ги употребиле во правниот субјект каде Ф.С. е управител. На истиот начин тие извршиле 11 успешни нелегални трансакции во вкупен износ од 913.400 денари.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Л.Р.(27) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.
На 23 јуни годинава на магистралниот пат Куманово – Скопје полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „опел корса”, управувано од пријавениот, при што пронашле и одзеле хероин.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против З.М. од селото Колешино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.
На 6 март годинава на регионалниот пат с.Свидовица – с.Банско, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило, управувано од Ж.Д., при што пронашле и одзеле марихуана, која претходно ја набавил од пријавениот.
Вчера во 12 часот во полициската станица Гази Баба, В.М.(60) од скопското село Дељадровци пријавил дека на ул.„Ташко Караџа“ во Скопје бил каснат од куче скитник во пределот на десната нога.
Во полициската станица Кисела Вода вчера во 23:15 часот, А.М.(40) од Скопје пријавила дека на бул.„Борис Трајковски“ нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник во пределот на десната нога.
Вчера во 20 часот во полициската станица Тетово, А.М.(24) од Тетово пријавил дека на ул.„Борис Кидрич“ бил каснат од куче скитник на левата рака.
На крстосница од бул.„Јане Сандански“ и ул.„23 Октомври“ во Скопје вчера во 14:35 часот, О.С.(20) од Скопје, управувајќи патничко возило „пежо 407“ удрил во малолетно женско лице од Скопје, кое се здобило со тешки телесни повреди и било пренесено во комплексот клиники „Мајка Тереза“ – Скопје.
Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.