Министерството за внатрешни работи категорично ги демантира информациите дека возач вработен во МНР бил фатен како превезува дрога. Според полицијата, ваквите тврдења на дел од медиумите се неточни.
-Имено, на 16.04.2024 година од страна на полициски службеници при ОВР Кичево во 22,35 часот во Кичево било сопрено возило сопственост на МНР (марка „рено“) управувано од лицето Ќ.Б., при што била извршена рутинска контрола во која не биле пронајдени никакви предмети во интерес на службата. По службена должност бил доставен допис до МНР околу проверка на сопственоста на возилото и околу евентуалниот патен налог за управување на возилото кој што возачот не го доставил на полициските службеници.
Во тој смисол Министерството за внатрешни работи уште еднаш ги отфрла сите шпекулации околу постоењето на некаков случај, и апелира до средствата за јавно информирање – со оглед на целосната транспарентност на министерството – сите прашања од нивен интерес да ги проверат во соодветните служби на МВР, пред тие да попримат шпекулативен и тенденциозен карактер со кој се нанесува штета и на Министерството, но и на кредибилитет на средствата за јавно информирање, соопштија од МВР.
Дел од медиумите објавија дека извесен Ќазим Брахими се обидувал да ја пренесе дрогата во Скопје. Според тврдењата, тој бил фатен со уште едно лице, а возилото рено било службено возило на МНР.