Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта и други објекти во Скопје, кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
-Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, соопштија од МВР.
Денеска дојави за бомби пристигнаа на адреси на седум средни училишта во Скопје, како и во трговскиот центар „Ист Гејт“, „Бисер“, Транспортниот центар, станбено-деловниот комплекс „Флатирон“ и полициската станица Центар.
Пред два дена имаше дојава за бомба и во зградата на Народната банка.
Од 26 октомври годинава па сѐ до денес, ова е по дванаесетти пат да се пријавуваат дојави за бомби, а досега беше утврдено дека сите дојави се лажни.