Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира невистините изнесени на социјалните мрежи од страна на Наќе Чулев односно ВМРО-ДПМНЕ за наводно непреземање на мерки во врска со напад врз полициски службеник од Единицата за интервентна полиција. Велат дека преземени се сите неопходни мерки. Осомничениот С.С. е приведен и со него е извршен службен разговор.
-Одземен му е службениот пиштол и известен јавен обвинител, а против него ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело спречување на службено лице при вршење на службено дејствие и ќе биде поведена дисциплинска постапка. Апелираме до Чулев и ВМРО-ДПМНЕ да престанат да шират лаги, соопштија од МВР.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев упати прашања до министерот Оливер Спасовски за настанот кој се случил изминатите неколку денови, а во кој од страна на обезбедување на висок функционер во МВР, нападнат е и претепан припадник на Интервентната полицијата.
Чулев вели дека во вчерашната објава на социјалните мрежи, побарал Министерството за внатрешни работи да преземе итни мерки за заштита на полициските службеници, чиј живот секојдневно е доведен во опасност, извршувајќи ги своите работни должности и задачи, но наместо заштита на полицајците тие се ставаат во одбрана на криминалното подземје кое тепа и напаѓа полицајци.