Министерството за внатрешни работи во целост ги демантира дезинформациите пласирани од страна на претседателот на Независниот синдикат на полиција (НСП), Гоце Делчев на вчерашната прес конференција, како целосно неточни и паушални.
-Министерството за внатрешни работи при извршување на својата функција и надлежности, секогаш води сметка за работникот, а имајќи ги предвид неговите работни способности и можности. Во контекст на ова, работното време за вработените во министерството трае од 8 до 12 часа, но во зависност од потребите на работниот процес може да трае и подолго.
Целосно паушални и тенденциозни се примерите споделени на прес конференцијата дека 8-часовно работно време имаат полициски службеници кои патуваат од Гостивар до Ростуше или од Прилеп до Старавина, а тенденциозни и на штета на полициската служба се наводите дека работните 8 часа полициските службеници би ги поминувале патувајќи по 70-80 км од дома до работното место, велат од полицијата.
MВР појаснува дека таква одлука за унифицирање на работното време на 8 часа за полициските службеници во државата не е донесена.
-Промена на работно време од 12 на 8 часа е предложена од страна на раководниот кадар во СВР Велес и е предвидена исклучиво за увидните екипи во сообраќај, и тоа само во Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Кавадарци и Неготино, согласно потребите на службата, и во СВР Штип каде е воведено двосменско работење, а сѐ со цел поефикасно извршување на работните задачи. Уште нешто во контекст на разобличување на овие пласирани невистини – полициските службеници за кои е предвидена промена на работното време се со место на живеење во Кавадарци и Неготино, односно во Штип и не патуваат надвор од своите организациони единици, стои во демантот на МВР.
НСП вчера информира дека неколку поединци во МВР вовеле префрлување на смените на полицајците од 12/24 и 12/48 на работа од осум часа во текот на еден ден.
-Од досегашните 12,13 смени месечно што патуваа од дома до работа, ќе мора од денеска да планираат 21,22 смени и да трошат повеќе пари. Ќе мора да планираат и платата која ја заработуваат, да ја даваат за гориво и патни трошоци. Оваа состојба се одразува на егзистенцијата на полицајците, затоа што поголемиот број воопшто не работат во своите општини и треба да патуваат, изјави денеска претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев.
-Има голем проблем во делот на луѓето кои ги поставува на високи раководни функции и места кои треба да планираат и мислат. Ова што го зборувам за смена на работното време е сериозен проблем, прашање за кое уште утре ќе мора да се надмине. Огромен е бројот на полициски службеници кои се подготвуваат за боледувања, за избегнување на вадење на нивните пари од семејствата за да работат во МВР. Јавноста ова мора да го знае. Ние стоиме на располагање на министерот, рече Делчев.
– Како да одат на работа на осумчасовно работно време од Гостивар до Ростуше или од Прилеп до Старавина. Тие се места што се по 70-80 километри оддалечени од местото на живеење на полицајците, прашаа од НСП.