МВР го демантира Костовски за зголемен напад на малолетници во автобуси во Чаир

од Nikola Popovski
161 прегледи

Секторот за внатрешни работи Скопје при МВР најостро ги демантира дезинформациите објавени на фејсбук профилот на Дарко Костовски, градоначалник на општина Бутел, дека во последниот период, а посебно во текот на месец ноември на територијата на општина Чаир имало зголемен број на напади на малолетници кои живеат во населбите Бутел и Радишани, а кои ја користат автобуската линија број 57 од ЈСП Скопје, возејќи се од местото на живеење до централното градско подрачје и во обратен правец, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Имено, од 01.09.2022 година до 13.11.2022 година на посочената автобуска линија се случени два настани. Првиот на 06.11.2022 во автобуска линија број 57, каде нападнат е еден малолетник од страна на тројца малолетници и за кого сме известени од општа градска болница дека е примен пациент со лесни телесни повреди, а од страна на родителот укажано е дека не сака да го пријави настанот.

Вториот настан е пријавен на 13.11.2022 година во кој четворица малолетници се нападнати во автобус од автобуската линија број 57 од страна на пет лица, од кои тројца полнолетни и две малолетни лица. Веднаш се преземени соодветни мерки и сторителите се лишени од слобода од страна на полициски службеници од Единицата за интервентна полиција и предадени во Полициска станица Бит Пазар за понатамошна постапка. Извршен е разговор со приведените лица како и со сведоци за настанот, по што од страна на полициски службеници од Одделението за насилен криминал, Единица за насилен криминал при СВР Скопје следи кривична пријава за Насилство по член 386 од Кривичниот законик.

-Ја известуваме јавноста дека, согласно однапред утврдени планови за постапување, на повеќе точки во градот поставени се полициски служби за спречување на нарушување на јавен ред и мир и извршување кривични дела, со посебен акцент на спречување на меѓуврсничко насилство. Исто така, преземаме превентивни активности преку Одделението за превенција при СВР Скопје, пред се преку проектите „За безбеден град“ и „Безбедност во училиштата“ кои се одвиваат во училиштата на подрачје на град Скопје и придонесуваат за спречување на сите облици на насилство меѓу ученици како и други видови на девијантни појави. Апелираме до претставниците на локалната власт да не шират дезинформации кои предизвикуваат вознемиренoст кај граѓаните. Секторот за внатрешни работи Скопје бил и ќе биде во служба на граѓаните, а воедно потврдуваме дека остануваме отворени за соработка со локалната власт , се во интерес на безбедноста на граѓаните, стои во демантот на МВР.

Градоначалникот на Бутел Дарко Костовски вчера преку објава на социјалните мрежи побара да запрат инцидентите во автобусите.

-Како градоначалник на општина Бутел лично од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски барам брзо, остро, и без никакво заташкување да реши овој проблем, додека не е предоцна. Остро ги осудувам сите кукавички напади врз мирни млади деца кои дома ги воспитуваат дека насилството како опција не постои и треба да се остави во 19 век. Не сакам да верувам дека овие чинови имаат било каква позадина, и затоа велам насилството раѓа насилство и од таму сите надлежни органи ги повикувам да реагираат веднаш, повика Костовски најави дека ќе организира тркалезна маса на која ќе бидат повикани челниците на МВР, лидерите на верските заедници и претавници на загрижените родители. Доколку е потребно ќе формираме посебно тело за решение на оваа загржувачка ситуација, порачува Костовски.

Слични содржини