Министерството за внатрешни работи ги демантира дезинформациите изнесени од Александар Николовски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 дека наводно е загрозен безбедносниот систем на МВР. Од полицијата додаваат дека станува збор за класична дезинформација без никаква основа.
-МВР има склучено договор за јавна набавка на персонални компјутери со најповолниот понудувач Друштво за производство, трговија и услуги Инфинити енерџи, ИТ Солушнс енд сервицес ДОО Скопје, по спроведената електронска аукција. Договорот е склучен на 18.01.2022 и избраниот понудувач има рок на достава на стоките до 18.04.2022. При евалуација на избраниот понудувач е констатирано дека ги доставил сите барани документи согласно Закон за јавни набавки и истиот немал изречено забрана за учество по никој основ уреден во Законот за јавни набавки, соопштија од МВР, додавајќи дека сите услови и спецификации кои се побарани во јавната набавка се исполнети и не постои никаква можност за злоупотреба.
Николоски денеска изјави дека фирма која што е во сопственост на синот на Миодраг Додик, а е на црната листа на САД, добила тендер од Министерството за внатрешни работи за набавка на 1.500 компјутери, додавајќи дека се плаши дека целокупниот безбедносен систем во МВР сега е на тацна на компанија која што е компромитирана.
-Од една страна устата им е полна НАТО, ЕУ, прозападна ориентација, а од друга страна си прават бизнис со луѓе кои се противници на тоа. Јавноста добро знае дека Додик е на црната листа на САД и добро знае дека Алтернативна ТВ која е во доминантна сопственост на Поинтерес и на Инфинити се директно поврзани со синот на Додик, вели Николоски.