ВМРО-ДПМНЕ денеска, како и многу пати до сега, изнесе низа невистини и манипулации. Прво, настанот за кој зборува ВМРО-ДПМНЕ се случил во месец април 2020 година кога министер за внатрешни работи е Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ, а не Оливер Спасовски и доколку и има злоупотреба, треба да бараат одговорност од тогашниот министер Чулев, реагираат од МВР по денешната прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според полицијата, полициските службеници постапувале по добиена документација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат дека лицата ги прекршиле ковид протоколите и е поднесена кривична пријава.
-Во врска со овој случај изречен е налог против полициските службеници од Основен суд Скопје 1, но таа одлука е обжалена и се уште неправосилна. ВМРО-ДПМНЕ изнесува невистини и во врска со затворањето на угостителските објекти. МВР не затвора угостителски објекти туку постапува како асистенција на Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, кои имаат надлежност да изречат мерка забрана за работа на објектите. Покрај тоа, ниту еден објект не е затворен доколку не го прекршувал законот, велат од МВР и апелираат до ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири невистини.
-МВР продолжува со интензивни мерки и активности за санкционирање на прекршителите на законите, стои во полициското соопштение.
Стоилковски денеска прикажа „копија на судски документ во кој стои дека еден од првите луѓе на Оливер Спасовски, Владимир Ристов – познат како Камењар – началник на единицата за економски криминал, заедно со уште тројца негови колеги, креирале полициски случај и ја злоупотребиле својата положба врз кандидат за градоначалник што не е од СДСМ“.
Стоилковски додава дека „Ристов, познат близок соработник на Оливер Спасовски, е осуден за несовесно работење по член 353 од КЗ“.