Министерството за внатрешни работи информира дека го истражува случајот со наводно употребена прекумерна полициска сила врз навивач на групата „Чкембари“.
-Го испитуваме случајот и соодветно ќе ве известиме, соопштија од МВР за „Локално“.
Oд навивачката група „Чкембари“ објавија видео според кое велат дека нивен навивач бил брутално тепан.
-Дали овај пат мвр ќе постапи на истиот начин, или овај случај ќе го пикни под тепих и ќе замижи поради то шо станва збор за член на навивачка група, или по нивно деликвент. А видеото јасно ни укажува кој е деликвентот во овој случај, велат од групата, објавувајќи видео од настанот.
Со реакција се јавија и од Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП). Според нив, видеоснимката покажува дека употребата на прекумерна физичка сила и средба за присилба продолжува да биде честа практика на полицијата.
-Ваквото постапување на полициските службеници дополнително ја продлабочува недовербата која граѓаните ја имаат во полицијата, а Северна Македонија континуирано добива и забелешки од страна на меѓународната заедница, како што е Европскиот комитет за заштита од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување кој и во својот последен извештај за нашата држава објавен во мај 2021 година нотира пречекорување на полициските овластувања и употреба на прекумерна сила од страна на полициските службеници за време на приведување, во полициска станица, но и подоцна од страна на затворската полиција.
Бараме од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи целосно да го истражи овој случај и доколку се потврдат наодите, инволвираните полициски службеници да бидат соодветно дисциплински казнети. Дополнително, го повикуваме Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција по допрен глас да оформи предмет со цел водење на кривична постапка против инволвираните полициски службеници и утврдување на нивна кривична одговорност за настанот. Апелираме за овој случај, органите ефективно да ја водат постапката, што е од суштинска важност за навремено да се приберат докази, а особено поради делотворноста на лекарските прегледи и извештаи, веродостојноста на исказите на сведоците и оштетениот итн, велат од ХКЧП.
Инцидентот со член на навивачката група „Чкембари“ се случил во саботата пред салата „Јане Сандански“ после ракометното дерби меѓу Вардар и Пелистер.