МВР го расчисти случајот во кој градоначалник нападна полицаец

од Nikola Popovski
163 прегледи

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека расчистен е случајот со физичкиот напад во Крива Паланка од страна на градоначалникот.

-Во врска со пријавата од К.С. во ОВР Крива Паланка дека на 14.01.2023 бил физички нападнат од С.М., преземени се мерки и активности за расчистување на случајот и во полициска станица е извршен службен разговор со С.М., како и со сведок на настанот. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок против С.М, соопштија од МВР.

Во медиумите се појавија информации дека градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски нападнал полицаец. Се огласи и полицаецот кој во детали објасни што се случило.

-По заминување, на 50 метри од влезот се случува судир помеѓу две возила, едно во сопственост на вработен во ‘Селект Кафе’. Настаната е материјална штета и секако, на човечки начин без расправии е направен договор како да се покријат тие штети меѓусебе. Бидејќи автомобилите стоеја оштетени на патот, сообраќајот беше во застој само неколку минути, па така видно изреволтиран и во видно алкохолизирана состојба, таткото на Крива Паланка С.М. приоѓа и од нигде никаде, ме напаѓа со два шамари затоа што сум чекал со автомобилот на пат, што е согласно законските прописи дека не треба да се поместува возило при сообраќајка, стои во објавата на полицаецот Кристофер Стоевски.

Полицаецот посочува дека иако бил нападнат, не му возвратил на ист начин на градоначалникот.

-Уште не ја знаеме причината за нападот, но со сигурност можеме да тврдиме дека тоа е дел од скриеното лице кое го покажа на најлош можен начин. Јас не возвратив на насилството ниту физички ниту вербално и како што е пропишано по закон, на професионален начин се јавив веднаш во полиција и го пријавив случајот. Полицијата дојде, направен е записник со притоа огромни притисоци и закани како од таткото на градот така и од неговиот брат, бидејќи сепак напаѓачот е добро познат на сите – таткото на градот!, пишува полицаецот на социјалните мрежи.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска беше запрашан за случајот.

– МВР непристрасно пристапува и ќе бидат изречени санцкии без да се гледа дали учесник во тој настан е на одредена позиција или не е на одредена позиција. Што се однесува до одговорноста, градоначалниците се избрани од граѓаните и тие имаат одговорност пред граѓаните во рамки на мандатот. Сите институции понатаму кои се дел од системот на санцкионирање и проценки, треба непристрасно да одлучуваат, рече Ковачевски како одговор на новинарско прашање.

Слични содржини