МВР и ОЈО преземаат мерки за повиците за „Голема Албанија“ и „Илирида“

од Nikola Popovski
18 прегледи

Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство – Скопје отвориле постапка за вчерашните националистички скандирања на натпреварот меѓу Шкендија и Карабах на Националната арена „Тодор Проески“.

„Ве информираме дека СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител“, информираат од полицијата.

И покрај апелите и предупредувањата од надлежните, од трибините синоќа можеа да се слушнат повици за „Илирида“ и „Голема Албанија“, иницирани од навивачката група на Шкендија, популарните „Балисти“.

Инцидентот доаѓа во чувствителен момент, имајќи предвид дека се бараа реакции за слични испади на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово. Кумановската полиција по наредба на Обвинителството, со неколку осомничени лица изврши службен разговор. Во координација со јавен обвинител, информираат оттаму, ќе се преземат законски мерки против вклучените, вклучително и кривични постапки. Се обезбедуваат и снимки од видеонадзорот, откако ОЈО Куманово даде насоки за испитување елементи на кривично дело, по скандирање со говор на омраза.

Македонската кошаркарска федерација и Општина Куманово, како организатори на настанот, го осудија непримерното скандирање. Изразија жалење потенцирајќи дека неспортските терени нема и не смее да има место за ширење на национализам и меѓуетничка нетрпеливост.

И премиерот Христијан Мицкоски со осуда за ксенофобичното и националистичко навивање, кое рече ќе биде предмет на истрага и санкција.

„Да упатам порака до сите навивачки групи, да навиваат спортски да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија тоа е она коешто оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа еве уште еднаш да повторам апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина коишто не наидоа на поддршка од страна ниту еден од присутните во селата“, кажа Мицкоски.

Од Министерството за спорт на став не можат да реагираат за нешто што доаѓа од навивачи. Неопходно е да работи на едукација, смета министерот.

„Да упатам еден апел во Македонија нема потреба од такви скандирања и од едната и од другата и од третата страна и која било и ние ќе работиме најнапред на едукација на навивачите, навивачките групи, народот дека секој има право да си ја поддржува својата екипа, репрезентација но вакви настани немили не треба и не смее да се случуваат“, истакна министерот за спорт Борко Ристовски.

За инцидентот се огласија и од ДУИ. Оттаму побараа политичка одговорност и оставки од заменици министри.

Слични содржини