Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската општина Чаир, каде во оружен инцидент ноќеска беше убиено едно лице, а две беа повредени.
Според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и снимки од видео надзор кои се прегледуваат. Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините.
Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, инцидентот бил пријавен на 11 февруари 2025 година, во 00:06 часот, од Градската општа болница „Свети Наум Охридски“, каде биле донесени двајца мажи со прострелни рани – Х.Б. (35) и А.Д. (35), двајцата од Скопје. Лекарите потврдиле дека Х.Б. починал од здобиените повреди, додека А.Д. бил подложен на хируршка интервенција и задржан на лекување.
Дополнително, од престрелката со повреди завршил и Н.Д. (22), кој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
По преземените истражни мерки, СВР Скопје приведе четири лица под сомнение дека учествувале во престрелката. Околу 01:40 часот, во болницата бил уапсен Б.Б. (39) од Скопје, додека на подрачјето на Чаир бил приведен Н.Д. (22). Подоцна, полицијата ги пронашла и привела и Р.Р. (41) и К.Т. (28), двајцата од Скопје.