МВР информира дека на територијата на државата новогодишната ноќ поминала мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир.
-За време на новогодишната ноќ регистрирано е намалување на бројот на кривичните дела на територијата на цела држава, приведени се вкупно 12 лица, а регистрирани се 18 прекршоци на јавниот ред и мир, од кои најголем дел физички напади и физички пресметки. Во текот на новогодишната ноќ се случиле седум сообраќајни незгоди, од кои најголемиот број со материјална штета, при што не се регистрирани жртви.
На подрачјето на СВР Скопје бележиме намалување на бројот на кривичните дела за разлика од минатата година, односно вкупно четири, и тоа по едно насилство, разбојништво, тешка кражба и нарушување на неповредливоста на домот, пет лица се приведени заради нарушен јавен ред и мир и сомнение за кражба. Регистрирани се осум нарушувања на јавниот ред и мир, од кои три физички напади, една физичка пресметка и два прекршока со карање, викање и непристојно однесување. На подрачјето на СВР Охрид регистрирани се „тешка кражба“, „кражба“ и „неовластено пукање со огнено оружје“, од слобода се лишени две лица, од прекршоци регистрирани се четири нарушувања на јавниот ред и мир. На подрачјето на СВР Битола регистриран е напад на службено лице при вршење работи на безбедноста, 10 возила се исклучени од сообраќај поради возење под дејство на алкохол, едно лице е лишено од слобода, соопштија од МВР.