МВР: Нема поднесок против новинарката Делевска, ја поддржуваме слободата на говор

од Nikola Popovski
327 прегледи

Министерството за внатрешни работи во изјава за „Локално“ информира дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со поплаката од едно лице против новинарката Соња Делевска од медиумот СДК.

Од таму велат дека нема никаков поднесок против новинарката од страна на МВР, ниту пак таков поднесок ќе има.

-МВР во изминативе години гради партнерски однос и со новинарите и со новинарските здруженија и комплетно сме посветени на постојано унапредување на соработката, што е постојано потенцирано и од новинарите и од релевантните организации. Комплетно ја поддржуваме слободата на говорот и таквата пракса продолжува и во иднина, велат од полицијата.

Претходно Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро го осуди повикувањето на службен разговор во полициска станица поради објавен текст на новинарката.

Од таму бараат експресно расветлување на случајот, брзи одговори и јавно извинување „бидејќи ваквата полициска постапка длабоко задира и во инаку кревката сигурност на новинарите во земјата“.

Покрај нив, реагираше и Хелсиншкиот комитет. Од таму коментираат дека во текстот, каде е пренесена изјава на адвокатка, која обвинува за побаран поткуп во Министерството за правда, се препознала државна службеничка од министерството. Иако службеничката не била експлицитно именувана во текстот, таа поднела пријава против Делевска, поради тоа што почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот.

Слични содржини