Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека од денес (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
-Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните, стои во соопштението од полицијата.
Регистрирањето на сообраќајни прекршоци преку овој систем ќе започне да функционира од 1 февруари, а не од 1 јануари, како што беше првично најавено.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, е задоволен од резултатите од тест-периодот на проектот. Тошковски вели дека граѓаните значително ја намалиле брзината на возење, а бројот на сообраќајни незгоди е во опаѓање.
Тој ги изнесе и загрижувачките компаративни податоци, истакнувајќи дека скандинавските земји имаат околу 20 жртви на милион жители, додека во Македонија просекот е околу 80 жртви на милион жители – тренд кој трае последните 15 години.
Министерот посочи дека веќе за време на тест периодот од 15-16 дена, лекарите констатирале намален број на лица со тешки телесни повреди кои учествувале во сообраќајни несреќи.