МВР: Постапуваме по случајот со нападот на советничката Витина

од Nikola Popovski
177 прегледи

Полицијата постапува по наводите за напад на советничката Ирена Витина при интервенција на див приклучок на водоводната мрежа. Во изјава за „Локално“, од Министерството за внатрешни работи информираа дека „Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема мерки за расчистување на случајот“.

Немилиот настан следува откако градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави видео од откривање на див приклучок на вода во една од скопските општини. Иако на видеото на официјалниот профил на градоначалничката не се глада нападот, Арсовска сподели со јавноста:

„На последниот случај на фатен како прави див приклучок сторител беше извесен инспектор од МВР наречен Бујо, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката во град Скопје Ирена Витина пред очите на неговите колеги од МВР кои не реагираа на нападот, иако истиот беше пред 10 сведоци и целиот настан е снимен од почеток до крај“, стои меѓу другото во објавата на Арсовска.

Витина е една од најблиските соработнички на градоначалничката на Скопје.

Арсовска во објавата на својот фејсбук профил вели дека секој ден се фаќаат по 30 диви приклучоци од кои си наводнуваат цели ниви, приклучоци на дивоградби, на полнење базени, истите ни денар не плаќаат затоа нерационално трошат бидејќи ја добиваат за џабе, а МВР не постапува. Таа додава дека проблемот со немање вода не е до „Водовод и канализација“ туку од бунарскиот систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат.

Неодамна Арсовска јавно документира уште еден див приклучок на водоводната мрежа преку кои се наводнувале оранжерии.

Согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода, констатирана е енормно зголемена потрошувачка на вода, особено во попладневните часови. Конкретно во јуни, дневната потрошувачка на вода во одредени денови изнесувала рекордни 356.000 кубни метри, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител. Од „ЈП Водовод и канализација – Скопје“ велат дека потрошувачката е предизвикана од неконтролирано трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени.

Слични содржини