Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека важноста на возачките дозволи со старото уставно име, согласно со промената на законот за безбедност во сообраќајот, е заклучно со 31.12.2024 година. Министерството ги повикува сите граѓани кои се уште имаат возачка дозвола со старото уставно име, да ја обноват својата возачка дозвола, до истекот на рокот, со цел да не се создаваат непотребни гужви.
-Сите капацитети на министерството и шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните да ги заменат своите возачки дозволи во редовниот рок до 31.12.2024, без никакво доцнење и гужви, додаваат од ресорот кој го предводи Панче Тошковски.
-Гледам некои портали упорано ме напаѓаат затоа што сум повикал луѓето да извадат возачки со новото уставно име. Јас не сум лажго, ниту магионичар за да направам нешто поинаку надвор од важечки Устав и важечки закони. Секогаш ќе има искрен пристап. Колку и да не ми е драго, ги повикувам граѓаните да постапат согласно закон оти само така можеме да одиме напред, кажа неодамна министерот.
Прекршочен платен налог и парична казна во износ од 100 евра ќе добие возачот кој при барање на полициски службеник, нема да приложи важечка возачка дозвола, предвдува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возачките дозволи со старото име на државата „Република Македонија“, нема да важат после 31.12.2024 година, па затоа МВР во изминатиот период активно апелираше истите да се заменат со нови, односно називот кој ќе стои на нив да биде „Република Северна Македонија“.