Министерството за внатрешни работи (МВР) утрово излезе со официјални детали за синоќешното двојно убиство во Старата скопска чаршија. Според полицијата, пет вооружени лица влегле во „Шиша бар“ во кој што беа убиени лицата Јетон Кривањева-Жила и Енес Исени-Лаци.
-На 06.03.2023 во 20.11 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Самоилова“ во Скопје пет лица облечени во црна облека со фантомки од огнено оружје пукале кон Ј.К. (37) и Е.И. (28), кои починале на местото на настанот, и кон А.Т.(34) од Скопје, кој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. Известен е јавен обвинител, кој излезе на лице место и по чија наредба телата се дадени на обдукција. Околу 20.30 часот било опожарено возило „ауди а6“ на патот кон Горно Оризари. По насоки од јавен обвинител, извршени се службени разговори со повеќе лица и се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на убиството, потенцираат од МВР преку соопштение.
Дежурен јавен обвинител заедно со полициски увидни екипи синоќа извршил увид на лице место. Од Обвинителството информираат дека фиксирани се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите.
Синоќа речиси цела вечер беше блокирана улицата меѓу скопското Кале и Старата чаршија. Според се уште непотврдени информации, во престрелката има седум повредени лица.