Министерството за внатрешни работи излезе со детали за вчерашниот инцидент во затворот „Идризово“. Според полицијата, тројца осуденици се повредени во вчерашната пресметка.
-На 26.06.2024 во 13.10 часот во СВР Скопје од КПУ Затвор Идризово било пријавено дека околу 10.30 часот во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе осудени лица.
При тоа со повреди се здобил Е.М.(26), додека С.Д.(43) и С.М.(29) се здобиле со повреди од остар предмет. Тројцата биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош, информираат од МВР.
Дел од медиумите објавија видео на кое може да се види дека се работи за десетици затвореници кои се чини дека имале вербален конфликт, кој потоа прераснал во физичка пресметка. Во еден момент се гледа како бел чад излегува од една од просториите пред која има десетици затвореници.
Засега не се познати мотивите за ова насилство.
Во последен период зачестија проблемите во најголемиот македонски затвор. Во текот на вчерашниот ден, од Обвинителството информираа дека затвореник во затворот „Идризово“ на 31 мај годинава тешко телесно повредил друг затвореник напаѓајќи го со тупаници и клоци. Од нанесените повреди, затвореникот починал на 22 јуни.