На 10.03.2025 спроведена е полициска акција од страна на Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО за ГОКК, при што врз основа на обезбедени наредби од Основен кривичен суд извршени се претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Битола и Кичево, кај правни и физички лица, во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати. Во рамки на акцијата лишени од слобода се 11 лица, едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно е со мерка притвор. До сега, од извршените претреси пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефонски апарати, околу 1500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила.
Од страна на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесена е кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ против 13 физички и едно правно лице и тоа: В.К. (55) од Битола, А.М. (44) од Скопје, Н.С. (61) од Општина Маврово и Ростуше, Е.П. (52) од Скопје, М.Н. (60) од Скопје, Б.М. (51) од Скопје, Р.Р. (48) од општина Желино, Д.С.Ј. (43) од Куманово, Д.С. (66) од Скопје, Д.С. (43) од Велес, Р.К. (38) од Скопје, Е.С. (43) од Кичево и А.Ј. (40) од с.Пласница и правно лице од Скопје.
МВР по насоки на надлежниот јавен обвинител ќе продолжи со преземање на понатамошни полициски активности и дејствија со цел обезбедување на други докази поврзани и со други кривични дела.
Надлежните потврдија дека се вршат претреси во рамки на истрага на Обвинителството за гонење на организиран криминал за злоупотреби при набавка на деривати.
„Доцна попладнево под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР извршуваат претреси на повеќе локации низ државава. Претресите се со Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со сторени кривични дела поврзани со набавка на деривати. Подетални информации ќе бидат споделени во текот на утрешниот ден“, пишуваше во вчерашното соопштение на ОЈО ГОКК.
Целта на акцијата иницирана од Бирото за јавна безбедност е да се санкционира нелегалната трговија со горива со сомнително потекло, кои содржат високи нивоа на сулфур и тешки метали кои го загадуваат воздухот и почвата.