МВР со детали за „Комуналец“: Затекнати лица кои не работат во претпријатието

од Nikola Popovski
812 прегледи

Министерството за внатрешни работи излезе со официјални информации и детали за синоќешната гужва пред „Комунална хигиена“. Како што соопштија од полицијата, на лице место затекнале и лица кои не се вработени во јавното претпријатие.

-Во Полициска станица Гази Баба е пријавено дека во јавно претпријатие на подрачјето на Гази Баба дел од вработените одржуваат протест, а меѓу нив се и лица кои не се вработени во претпријатието. Од страна на полициски службеници веднаш е излезено на лице место, при што било констатирано дека околу 50 лица протестираат и ги попречуваат останатите вработени во извршувањето на работните обврски, соопштија од МВР.

Полицијата соопшти дека ќе ги гони лицата кои биле во кругот на „Комуналец“, а не се вработени.

Поради протестите, контејнерите и кантите низ цело Скопје се полни со смет. Вработените што не дозволуваа собирање на ѓубрето, истакна дека се залагаат за повисоки плати, подобри услови за работа и враќање на вработените во претрпијатието кои биле отпуштени во последните неколку дена.

Според нив, 40 лица добиле отказ, а уште 50 добиле известување за отказ по протестот. Се жалат дека раководството ги гледа безбедносните камери и кога ќе се види некој како протестира, го отпуштаат.

Директорката Мазнева тврди дека вршела прераспоредувања на третата смена за која се добива ноќна тарифа на плата и ги отпуштала тие што не работат.

Градоначалничката Данела Арсовска вчера информира дека ваквите случувања ги организираат „мафијашки структури“.

Слични содржини