265
Вчера полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи по претходна судска наредба, извршија претрес во дом и други простории на Е.М. (27) од Синѓелиќ, Скопје за кој имало сознанија дека се занимава со купопродажба на хероин и кокаин на подрачјето на Скопје и во градови во источниот дел од државата.
При претресот, во специјално направени бункери се пронајдени околу четири ипол килограми хероин, спакувани во повеќе пакувања со различна големина и околу еден килограм кокаин, исто така распределен во повеќе пакувања, наменети за продажба. При претресот се пронајдени и пиштол магнум 357, пиштол ХС и пакувања со околу 200 куршуми. Е.М. е приведен и против него ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство. Министерството за внатрешни работи продолжува и во наредниот период со континуирани активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, како и на другите видови криминал, информираат од МВР.