МВР со кривична за Ковачевски и Груби, a обвинителството бара притвор за екс-вицепремиерот и екс-директорот на Лотарија

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека се поднесени кривични пријави против осум лица, меѓу кои и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот вицепремиер Артан Груби. Кривичната пријава е поднесена од МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поради сомнение за сторен криминал и измама во Државната лотарија.

„Кривични пријави за осум лица, меѓу кои поранешниот премиер, поранешен вицепремиер, поранешен директор на правно лице и поранешен генерален секретар, додека останатите се државни службеници кои работат во еден од правните лица“, рече Тошковски.

Министерот додаде дека моментално му недостигаат информации за инволвираноста на поранешниот премиер, но тоа наскоро ќе биде споделено со јавноста.

Тошковски рече дека Груба не е достапен за надлежните органи и го повика доколку е „чист како солза“ да се врати во земјава и да дозволи институциите да го истражат овој случај.

Во Обвинителството, пак, наведуваат дека во врска со проневерата во Државна лотарија, поради две набавки со вкупна вредност од над осум милиони евра, отворена е истрага против шест лица, меѓу кои не е поранешниот премиер Ковачевски.

Оттаму додаваат дека за проневера во тоа јавно претпријатие обвинети се поранешниот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами и поранешниот вицепремиер Артан Груби, додека останатите четворица биле членови на тендерската комисија кои се осомничени за злоупотреба на службената положба.

Полицијата вчера изврши претрес во куќата на Артан Груби, но не го најде.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, според информациите со кои располага, Груби ја напуштил државата во придружба на уште едно лице кое е почесен конзул на Косово во земјава, со автомобил со дипломатски таблички и се упатил токму кон нашиот северен сосед. Бајрами е осомничен дека пред неколку месеци побегнал во Косово.

Обвинителството бара притвор за Груби и Бајрами

Обвинителот на Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои се сомничат дека како соизвршители сториле кривично дело – проневера од член 354 од Кривичниот законик. Против уште четири лица е поведена кривична постапка поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, со цел притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.

Од Обвинителството засега нема степен на сомневање за Ковачевски. Засега нема информации дали се проверува или ќе се проверува и неговиот дом.

Докази, со судски налог се собираа на 9 локации во Скопје и кумановско, меѓу кои и домот на Груби. Поранешниот вицепремиер преку социјалните мрежи порача дека е на Косово, но ќе се врати дома. На тоа го повика и министерот Тошковски.

МВР ќе проверува и како Груби отишол на Косово. Иницијално се утврдени пропусти во работата на граничната полиција.

Слични содржини